ССК: Да се пролонгираат измените на Законот за лекови и медицински помагала
Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии и аптеки во Сојузот на стопански комори бара да се пролонгира имплементацијата на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала. Од Групацијата предлагаат и формирање комисија во која нејзини и претставници од Министерството за здравство, Фармацевтската комора и Фармацевтскиот факултет, со цел дефинирање и разгледување на законските измени.
- Една од измените е правните лица кои вршат промет на лекови на големо или мало да не смеат да бидат капитално управувачки или роднински поврзани. Ова треба да изостане зашто трето лице не може да дава насоки, ниту обврзувачки законски елементи за менување на сопственичката, управувачката или организациската структура на правно лице основано со приватен капитал, велат од Групацијата.
Според членките, ваквата законска одредба нема економски ефект за никој.
- Кај фирмите кај кои веќе постои капитална поврзаност, со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции што зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира ова, постои реална можност стотици вработени да останат без работа, т.е да предизвикаме дополнителен негативен ефект врз економијата, предупредува Групацијата.
Компаниите сметаат дека правно лице регистрирано според Законот за трговски друштва, кое врши промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати, не треба да врши промет на големо и со лекови.
- Се поставува прашањето дали надлежноста на бензинска станица се поистоветува со дејноста на веледрогерии и аптеки. Се дава простор на гранки кои имаат друга основна дејност да ја зголемат можноста за заработка на сметка на веледрогериите и аптеките на кои основана дејност им е промет и издавање на лекови. Во однос на заштита на граѓаните и нивното здравје се остава простор при издавање лекови од вработените во продавници за храна, пијалаци и тутун или бензински пумпи да се направи грешка при издавање и да се издадат фалсификат лекови т.е да се направи злоупотреба на купените лекови, велат од Групацијата чиј став е дека инспекциската служба при Бирото за лекови физички нема да може да ја покрие контролата на теренот на сите продажни места.
Во врска со отворањето на аптеки во руралните средини, Групацијата предлага, наместо пет организациски единици, аптеки на територијата на Република Македонија, обврска да имаат оние со 15 организациони единици, аптеки да отворат една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа