Барате работа? - Владата ви пружа нова шанса
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски денеска информираа за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2014 година.
Министерот Спасов информираше дека македонската Влада го усвоила новиот Оперативен план, додавајќи дека огласот за мерката самовработување е веќе излезен во електронските медиуми.
-Ги охрабрувам сите евидентирани невработени лица како активни баратели на работа, кои имаат бизнис идеи и кои сакаат да ги реализираат, коишто своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата за самовработување да ја искористат оваа шанса, да се пријават во работните клубови на центрите за вработување бидејќи оваа мерка самовработување е одлична можност да се реализира идејата и визијата, да се стартува нов бизнис и да се постигне успех, да се обезбеди сопствено вработување но и да се отворат нови работни места исто така и профит, истакна Спасов.
Во програмата самовработување можат да учествуваат сите невработени лица, кои се регистрирани како активни баратели на работа. Учество ќе можат земат и кандидатите кои во претходните циклуси завршиле обука за “Претприемништво и бизнис планирање”, а не биле селектирани.
Заинтересираните невработени лица пријави можат да поднесат најдоцна до 24.01.2014 година во работните клубови на 30-те центри за вработување во Република Македонија, каде што, исто така можат да добијат и детални информации за мерката, како и на веб страните www.mtsp.gov.mk, www.avrm.gov.mk и www.samovrabotuvanje.mk но и во контакт центарот на телефонот 02-3298-297.
Министерот Спасов информираше и за програмите и мерките кои се дел од новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување за 2014 година.
-Во него остануваат оние мерки коишто имаа најголеми резултати во однос на обезбедување на вработување, поттикнување на вработување, за коишто имаше голем интерес од страна на невработените, зголемување на вештините, способностите и знаењата на невработените лица и сл. Во Оперативниот план дефинирани се видот на активните програми, целните групи, потребните средства и изворите на средствата, како и конкретните активности, рокови за субјектите надлежни за имплементација на одделните активности. Оваа година преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување се планира да учествуваат 9.135 невработени лица, а буџетот кој е предвиден за реализација изнесува 525 788 240 денари, рече Спасов
Целта на програмите во Оперативниот план, е да се поттикнат паметен, одржлив и инклузивен раст. Освен денеска објавената Програма за самовработување, Оперативниот план содржи Програма за финансиска поддршка на правни субјекти (микро и мали претпријатија и занаетчии) за отворање на нови работни места, Програма за субвенционирано вработување во која што се опфатени повеќе категории на граѓани како што се субвенционирање на вработување на деца без родители, на инвалидни лица, на млади лица до 29 год. (Прва шанса).
Останува и Програмата за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, како и Програмата за подготовка за вработување.
Во мерките, приоритет ќе имаат и загрозените категории на граѓани, оние кои се долгорочно невработени, како и младите до 29 години.
-Сакам да потененцирам дека како и секоја година и оваа имаме неколку пилот програми и тоа: Пилот програма за вработување на припадниците на ромската етничка заедница и Пилот програмата – инкубатор на занаетчии за кои исто така очекуваме дека ќе дадат свои резултати, рече Спасов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа