Од ЕК децидни: Договорот од 1. март е услов Македонија и ЕУ да продолжат со дијалогот
Усвојување на препораките од политичкиот договор од 1 март минатата година и дефинитивно се услов за Европската комисија да продолжи со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Република Македонија, пишува МИА.
Портпаролот на ЕК, Петар Стано за МИА го потврдил она што Комисијата го посочи во соопштението по средбата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе со претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Според Стано, она што Филе му го кажал на Заев на нивната средба на денот на православниот Божик, а беше цитирано во соопштението на ЕК, дека „кога имплементацијата на мартовскиот договор ќе продолжи, Комисијата е подготвена да го поддржи реформскиот процес преку ХЛАД-от, под услов властите да останат посветени на спроведувањето на реформите и продолжат со подобрување на добрососедските односи”.
- Мислам дека тоа појаснува се, дециден е гласноговорникот на Еврокомисијата.
На прашањето на МИА, зошто за Македонија е услов имплементацијата на точките од политички договор за да продолжи со Пристапниот дијалог со Европската унија, додека за Босна и Херцаговина, каде владее целосен политички хаос, тоа не е случај, Стано децидно одговара - во процесот на проширување не може да се споредуваат земјите.
- Секоја земја е специфична и има сопствени услови, па не може да се каже што правиме за едни, мора и за други, односно што се случува во некоја земја, а е поврзано со процесот на пристапување. Одбивам секаква споредба меѓу земјите-кандидати и земјите-аспиранти што се нашето портфолио, истакна Стано.
Гласноговорникот на Филе вели дека условот е јасен за Македонија.
- Кога станува збор за пристапниот процес, изминатите пет години ние препорачуваме почеток на пристапните преговори. А, постои и јазик на земјите-членки од заклучоците на декемврискиот Самит и ќе ве упатам на тоа, каде Пристапниот дијалог исто така е споменат. Сепак, кога станува збор за овој цитат на комесарот Филе, мислам дека нема потреба да давам други толкувања, цитатот е јасен и може само уште еднаш да го прочитам. Но, јасно е дека кога имплементацијата ќе продолжи, Комисијата е подготвена да го поддржи реформскиот процес преку ХЛАД-от, под услов властите да останат посветени на спроведувањето на реформите и продолжат со подобрување на добрососедските односи, дециден е Петар Стано.
Стано не конкретизираше, пишува МИА, дали новиот услов на официјален Брисел за нашата земја произлегол од состанокот Филе-Заев или, пак, тоа е претходно изграден став на Европската комисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа