Филе му порача на Заев да се вратат во работното тело за 24 декември

 

Вратете се во работното тело за 24 декември за да може да продолжи реформскиот процес преку Дијалогот на високо ниво. Еврокомесарот Штефан Фуле со јасна порака до лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

„Кога политичкиот договор од 1. март ќе се имплементира, Комисијата ќе биде подготвена да го поддржи реформскиот процес преку пристапниот дијалог на високо ниво, а властите ги охрабрувам да останат посветени на спроведувањето на реформите и да продолжат со подобрување на добрососедските односи“ - стои во изјавата на Филе објавена на сајтот на Европската комисија.

Една од клучните точки во договорот од 1 март е подобрување на функционирањето на Собранието во рамки на Комисијата за 24 декември која тогаш беше само предлог иницијатива на Претсеателот Ѓорѓе Иванов. Комисијата ја заврши својата работа и сега на ред е собраниското тело кое треба да се погрижи за имплементација на договорот направен летово. Сепак, СДСМ ја блокира оваа Комисија поради апсењето на Претседателот на советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ кој е обвинет за крминал тежок милион евра.

Во договорот од 1 март стои и изборна реформа, по локалните избори, вклучително и во однос на избирачкиот список (на пример пост-изборна ревизија на списокот) и други препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.

Според соопштението од Комисијата Филе и лидерот на Социјал-демократите разговарале за процесот на пристапување на Македонија во Европската унија, при што комесарот Филе ја потврдил перспективата на земјата во Унијата. Филе, според соопштението, исто така ја истакна потребата за подобрување на политичкиот дискурс во земјата и важноста од национален консензус за заедничката цел за интеграција во ЕУ.

 

Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, лидерот на СДСМ Заев одбил да даде изјава, а од неговата партија веќе лиферуват видео материјал, но нема информација, дали станува збор за изјава која ја снимил некој друг медиум или пак е снимена од партискиот прес центар. 

07.01.2014 - 16:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега