Груевски го честита Божик: Нека има мир во нашите срца!
Mакедонскиот премиер Никола Груевски, по повод големиот христијански празник – Божиќ денеска упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници од Република Македонија и дијаспората.
- Овој светол и величествен празник со сета своја големина и духовност не потсетува на вредностите на кои не учи христијанството, на Божјите дела и човекољубието кои преставуваат сечовечка универзална придобивка и вредност. Имајќи го Бог при себе, имаме вера и имаме надеж. Имајќи го Бог со себе, имаме поткрепа во сите тешки моменти да истраеме и во сите радосни моменти да имаме со кого да ги споделиме и на кого да се заблагодариме. Божиќ е празник на љубовта, на надежта и семејните вредности. Тоа е празник на радоста и достоинството. Токму затоа, како што налага верата и како што тоа го правеле нашите предци години и години претходно, да ги отвориме широко нашите порти за светлината која доаѓа на овој прекрасен празник. Да бидеме покорни верници и да правиме добри дела. Да си ги сакаме нашите најблиски, нашето семејство, нашите пријатели, нашата земја. Да се почитуваме еден со друг и заедно да работиме за добробит на нашиот народ и Република Македонија. Со Господа напред и вечна благодарност за неговата милост, во радост да го прославиме Христовото раѓање, стои во честитката од Груевски.
Тој им посака на сите граѓани во Република Македонија и на сите припадници на македонската дијаспора добро здравје, успех во работата и благосостојба.
- Нека има мир и љубов во нашите срца! Нека е честит големиот христијански празник ! ХРИСТОС СЕ РОДИ !, се вели во честитката од Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа