Г.г. Стефан: Нема потреба за промена на календарот и нашата црковна традиција

 

Ставот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија е јасен и претставен – нема потреба за промена на календарот и  на досегашната наша црковна традиција, истакнува поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во Божикното интервју за Македонската информативна агенција – МИА.

- Ова прашање е премногу апсолвирано во јавноста. Пред секој Божик се иницира. Ставот на Синодот е јасен и претставен – нема потреба од промената на календарот, од промената на досегашната наша црковна традиција, со која, се поврзани и многу настани од нашата национална историја. Кога ќе го празнуваме Илинден, ако го смениме каландарот? Затоа, повеќе ни е потребна духовната преобразба, отколку промената на календарот, вели поглаварот на МПЦ-ОА.

 

Во врска со тоа дали има најави за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква, г.г.Стефан истакнува „кај нас, желбата за дијалог никогаш не престанала“.

 

- Всушност, ние и сметаме дека проблемите треба да се решаваат со разговор, но на рамноправни соговорници, без ултиматуми и притисоци од каков и да е вид. Никој, а особено ние епископите на Црквата, не треба да излегуваме со произволни изјави и толкувања, конкретно за вакви чувствителни и важни теми. Се треба да биде во знакот на љубовта со која Христос не ослободи, вели г.г.Стефан.

 

На прашањето што се презема за заштита од честите кражби во православните цркви од кои се однесени вредни икони, тој посочува дека преземени се конкретни мерки за обезбедување на објектите, како што е видео надзорот и алармните системи.

 

- Но, за овој проблем, кој очигледно претставува добро организиран проект со очигледни заднини, потребна ни е национална стратегија за заштитата на нашето културно и сакрално богатство, истакнува поглаварот на МПЦ-ОА. 

 

Во врска со тоа дали има доволно верски објекти во Скопје и воопшто во Македонија, во одговорот наведува неколку примери: од Центар до населбата Ѓорче Петров нема ни еден православен храм, а има повеќе од сто илјади жители, од Кисела Вода, каде што има еден мал храм кој не ги задоволува потребите на таа населба, до Драчево нема ни еден православен храм, а има илјадници православни жители.

 

- Некој ќе рече дека во центарот на градот, пак, има многу храмови... Но, кој е критериумот на мерење на работите, ако знаеме дека и градот е зголемен за неколку пати од минатото, како и секојдневната фреквенција на луѓе, а да не заборавиме дека и неколку храмови беа урнати од земјотресот или од раката на поранешниот систем? Мислам дека заклучокот е јасен, но зошто не се постави прашањето до кога некои населби со десетици илјади православни христијани, ќе бидат без дом Божји,потенцира г.г.Стефан.

 

За најавата дека МПЦ-ОА ќе ја ревидра одлуката со која на владиците, свештенството и на монаштвото им се забрани користењето на Фејсбук, поглаварот на МПЦ вели дека Синодот се произнел во јавноста со став, односно препорака.

- Но, не посветивме доволно внимание на образложението, односно презентацијата на таквиот став, и тоа беше сфатено премногу директно. Затоа на последната седница на САС во средината на декември ја дообјаснивме препораката - социјаните мрежи, доколку се користат во функција на мисијата на Црквата и не го нарушуваат достоинството на човекот, односно свештенослужителот, можат да бидат од полза. Но, никако не смее да е примарно средство во комуникацијата со верниците, наваедува поглавараот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во божикното интервју за МИА.

05.01.2014 - 10:24
Фото: 
скопјеинфо

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега