СОЗР: Со целосна посветеност и транспарентност санирана исклучително лошата состојба во државните објекти

 

Службата за општи и заеднички работи информира дека во изминатава година со целосна посветеност и транспарентност, ја санирале затекната исклучително лоша состојба во голем дел од државните објекти што се под надлежност на Службата.

-Негрижата, запуштеноста и отсуство на системско одржување во изминативе години доведе до сериозно влошување на инфраструктурата и функционалноста на овие објекти. Препознавајќи ја важноста на државниот имот како јавна вредност која треба да се одржува, заштити и рационално користи, спроведовме низа конкретни активности за санација, реконструкција и ставање во функција на голем број објекти, се вели во соопштението од СОЗР.

Од СОЗР, информираат дека просторот околу Владата добил репрезентативен лик – ја вративме оградата, комплетно реконструирана по претходно неадекватно складирање и уништување, а целосно го уредивме и дворот – хортикултурно е обновен, поставени се рефлектори, автоматизирани системи за наводнување и санирани се сите оштетувања.

-Поранешниот објект на Комерцијална банка, чија изградба беше во застој, сега е речиси комплетно завршена, реализирани се 78% од потребните зафати; Вилата Свети Стефан во Охрид беше буквално невидлива од обрасната вегетација – сега е расчистена и пристапна, со делумно функционална внатрешност; куќата на Хаџиманови пред Владата, која долги години беше неискористена, сега е во функција со комплетно обновена електрика и водовод; вилите на Водно и во Охрид, кои сè уште се водат како дивоградби, влегоа во постапка за легализација и добивање имотни листови; во Клубот на пратеници, преземени беа поголеми зафати на одредени сали, се купи нова опрема и инвентар и моментално успешно се користи за настани од државен карактер; комплексот Македонско село, оставен да пропаѓа повеќе од 7 години, повторно е ставен во функција по пат на избор на концесионер; во тек се постапки за јавни набавки за санација на покривите на државните институции, кои беа причина за сериозни проблеми со прокиснување и оштетувања на објектите, информираат од СОЗР.

Преземените активности, посочуваат од СОЗР, претставуваат конкретен доказ за одговорна и домаќинска грижа за државниот имот.

-Наместо запуштеност и занемарување, денес државните објекти се ставени во функција, уредени и достапни за потребите на институциите и граѓаните. Преку системски пристап, вложување и ангажирање на сите ресурси, воспоставуваме нов, соодветен стандард во управувањето со јавниот имот – стандард на професионалност, отчетност и грижа, се вели во соопштението од СОЗР. 

01.07.2025 - 17:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега