Осветлена клучката на влезот во Прилеп - една од досегашните црни точки во сообраќајот
Осветлена е клучката на влезот во Прилеп, на магистралниот пат за Битола, а се работи за дел од владиниот проект за осветлување на влезовите на поголемите градови во земјата во вкупна вредност од 5,8 милиони денари.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски изјави дека проектот за осветлување на влезовите на поголемите градови е во насока на зголемување на безбедноста на сообраќајот. - Годината ја почнавме со осветлувањето на клучката на влезот во Прилеп на магистралниот пат за Битола, истакна Георгиевски, додавајќи дека минатата година осветлени се вкупно 20,5 километри автопатишта, магистрални патишта и клучки кај поголемите градови.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, вели дека со осветлувањето на клучката зголемена е безбедноста на една од досегашните црни точки во сообраќајот.
- Овој влез што сега е осветлен и улицата „Цар Самоил“ ќе прераснат во модерен булевар со четири коловозни ленти, со пешачки и велосипедски патеки и осветлување на целата траса, најави Ристески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа