Грипот зема замав: Во Македонија грипосани 977 лица
Последната недела од минатата година биле пријавени уште 231 грипосани лица. Како што соопштува Институтот за јавно здравје, во споредба со бројот на заболени истиот период минатата сезона, има зголемување за 2,6 пати, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето е 3,6 пати.
Вкупниот број на заболени е 977 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во декември се пријавени најголем број случаи со симптоми, 606 или 62 отсто, во однос на претходните два месеца од почетокот на сезоната.
Во сезоната 2013/2014 во Европа активноста на вирусот на грип останува ниска и на ниво очекувано за периодот пред достигнувањето на пикот. Бројот на случаите заболени од инфлуенца А(Х3Н2), инфлуенца Б и инфлуенца А(Х1Н1)пдм09 полека расте, а најзастапен е вирусот инфлуенца А.
Од почетокот на сезоната се детектирани и типизирани 1.129 примероци на вируси на грип. Од нив, 19 отсто се типизирани како инфлуенца Б и 81 процент како инфлуенца А. Од инфлуенца А типизираните наоди, 613 се субтипизирани, од нив 257 (42 отсто) се А(Х1Н1)пдм09 и 356 (58 отсто) се А(Х3Н2). Во 51-та недела, четири земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус за оваа сезона, Норвешка и Швајцарија (инфлуенза А), Турција инфлуенза А(Х3) и Северна Ирска инфлуенза А (Х1).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа