Со 140 милиони евра продолжува поддршката за македонското земјоделство
Оваа година за поддршка на земјоделството се предвидени 140 милиони евра од кои најголемиот дел се наменети за директни плаќања за остварување поголем приход на земјоделските стопанства. За ова информираа денеска од ресорното министерство.
- Поддршката на секторот продолжува. Најголемо зголемување ќе има кај мерките за рурален развој кое треба да изнесува нешто над 25 милиони евра. Покрај за веќе добро познатите и популарни мерки на покривање половина од трошоците за инвестиции за набавка и обновување на земјоделска механизација и опрема, овие средства приоритетно ќе бидат насочени кон поддршка на инвестициите во руралната инфраструктура, во прв план подобрување и проширување на наводнувањето, истакнуваат во МЗШВ.
Со цел побрзо да се исплатат субвенциите, Министерството за 2014 година воведува одредени промени во начинот на аплицирање: - За растително производство земјоделците треба да ги ажурираат своите капацитети во подрачните единици најдоцна до 15 март 2014 година. Сите промени настанати од последното поднесување на барањата треба да ги внесат во Единствениот регистер на земјоделски стопанства најкасно до овој датум. Врз основа на пресекот на овој ден ќе биде можно после тоа да се поднесуваат барањата, велат во МЗШВ.
Според надлежните, ефектите од субвенционирањето се најевидентни кај извозно-ориентирани конкурентни производи со компаративна предност за кои постои побарувачка на надворешните пазари, а кои и сега го формираат јадрото на македонскиот земјоделско-прехранбен извоз.
- Ароматичниот тутун моментно има најголем нето-извозен потенцијал од земјоделските култури со учество од 30 отсто во вредноста на вкупниот извоз. Во делот на лозарството и винарство преку поддршката, имаме постојан тренд на подигање нови лозови насади или обнова на старите и се поголем извоз на квалитетно македонско вино на нови пазари надвор од традиционалните ЕУ и државите од поранешна Југославија. Пониските трошоци за производство кои произлегуваат од расположливоста на пасиштата, евтината работна сила и традицијата на производство, го вбројуваат македонско јагнешко месо, овчо и козјо млеко и млечни производи како подсектори со голем и засега делумно искористен развоен потенцијал, посочуваат во Министерството.
И годинава Министерството очекува да се задржи трендот на зголемено производство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа