1.000 сиромашни граѓани добиле бесплатна правна помош во 2013

 

Овластените здруженија за бесплатна правна помош  во текот на 2013 година обезбедиле претходна правна помош за повеќе од 1.000 сиромашни граѓани кои се соочиле со правни проблеми.

Од Македонското здружение на млади правници денеска соопштуваат дека претходната правна помош вклучуваше обезбедување на правни информации и правни совети.

- За 60 од нив, кои имаа потреба од поведување судски постапки за заштита на правата беше побарано одобрување на адвокат кој ќе го плати државата, согласно Законот за бесплатна правна помош. Со обезбедената правна помош на оваа ранлива категорија на граѓани и беше овозможено да ги реши правните проблеми со кои се соочуваат, а кои се однесуваат на основни егзситенцијални прашања како што се имотно-правните проблеми, правата од работен однос, семејно - правните прашања, социјалната заштита и правата од пензиско и инвалидско осигурување, стои во соопштението.

Овој резултат, велат од Македонско здружение на млади правници, е постигнат и покрај проблемите со кои се соочија овластените здруженија при работата согласно Законот за бесплатна правна помош.

Од Здружението истакнуваат дека досега повеќе пати укажале за проблемите кои се појавуваат при спроведувањето на овој Закон, како што е тесниот опфат на лицата кои имаат право на бесплатна правна помош, долгата постапка за одобрување на барањата за бесплатна правна помош, недоволната уреденост на определени важни прашања, неопфатеноста на судските такси и трошоците за вештачење.

- Од друга страна овластените здруженија се соочија со непрецизно уредена претходна правна помош поради која е невозможно да ги наплатат реалните трошоци кои ги имаат вршејќи ја оваа дејност од јавен интерес. Во исто време овластените здруженија не смеат да користат било каков облик на реклама за да се промовираат во своите заедници што исто така го отежнува информирањето на јавноста за можноста да добијат претходна правна помош, велат од Македонско здружение на млади правници. 

 

31.12.2013 - 10:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега