Општина Центар додели еден милион денари помош за настраданите во Кочани
Во Општина Центар денеска била одржана вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донеле одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани.
Седницата, соопштија од Општина Центар, започнала со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.
Герасимовски потенцирал дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто, рекол, што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
- Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени, истакнал Герасимовски.
Од Општина Центар соопштија дека семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа