Вучиќ: Ако бил употребен звучен топ, јас повеќе не сум претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ повтори дека неговата земја е изложена на „месеци на терор“ и ги нарече разговорите меѓу лидерите на САД и Русија голем чекор кон мирот, пренесува Анадолија.
По разговорот меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп за Украина, српскиот претседател изјави дека мисли дека „ние сме далеку од мир“, иако најавата за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура ја оцени како позитивна.
„Ова е исто така огромен чекор и му честитам на претседателот Трамп за тоа“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека се надева оти разговорот меѓу претседателите на Русија и САД ќе доведе до траен мир.
„Немам извори ниту во Кремљ, ниту во Белата куќа со кои сум разговарал, само она што сум можел да го прочитам. Мислам дека сме далеку од мир, но добро е да се зборува за тоа“, рече Вучиќ додека гостуваше на Пинк.
Тој ги нарече протестите во Србија „месеци на теророт“. „Однадвор сме нападнати од обоена револуција. Ова се месеци на вонинституционален терор во Србија. Незапамтен терор во поновата историја на Србија“, рече тој.
Тој рече дека е многу важно да се разбере „што се случува во Србија“. Тој ги спореди протестите во Србија и Унгарија, наведувајќи дека тоа се протести против неколку „слободарски лидери“. Зборувајќи за наводите за употреба на звучен топ на масовните антивладини протести на 15 март во Белград, Вучиќ нагласи дека „такво нешто во Србија не постои“.
„Ако бил употребен звучен топ, јас повеќе не сум претседател“, рече тој.
Тој најави дека во Брисел ќе разговара со лидерите на НАТО и ЕУ за ситуацијата во Босна и Херцеговина со цел да се намалат тензиите. Тој смета дека апсењето на лидерот на ентитетот Република Српска, за кого Обвинителството на БиХ побара приведување, би било „вистинска катастрофа“.
„Мораме да се занимаваме со зачувување на мирот и стабилноста“, заклучи тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа