Собранието ќе пресече за петте интерпелации на членовите на Судскиот совет
-
-
Собранието денеска треба да ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Во образложенијата за поднесените интерепелации објавени на собраниската веб-страна се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина. ж
-
За денеска во 10 часот е закажана и нова седница на Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вчера во изјава за медиумите прашан дали седницата на Судски совет се користи како алиби за членовите за кои се бара интерпелација, рече дека немале таква намера.
- Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не ни знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет, рече Камбовски.
На членовите на Судски совет за кои се бара интерпелација, како што изјави Камбовски, останува да одлучат сами дали ќе присутвуваат на собраниската седница или не.
- Тоа е нивен избор, јас не можам во нивно име да ви кажувам, и не знам кој од нив одлучил да оди и да го користи правото да се обрати на Собранието. Доколку некој одлучи, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе дадеме можност на колегата да отиде во Собрание, да си даде таму изјава, па ќе го почекаме да се врати назад и ќе продолжиме со нашата работа, re;e Камбовски.
Прашан дали очекува некој од нив да поднесе оставка, рече дека тоа е личен чин. - Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе се одлучат колегите, посочи Камбовски.
-
Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска на вчерашната прес-конференција рече дека оваа интерпелација е школски пример за директно и грубо кршење на уставниот принцип за владеење на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.
- Брзањето со интерпелациите на членовите на Судскиот совет, на ваков начин, во услови кога се подготвува нов закон за ова тело, ги обелоденува вистинските намери на власта, намери кои не поврзани со реформските процеси, туку со воспоставување целосна партиска контрола. Да беше намерата за суштински реформи немаше вака на сила и спротивно на закон да се турка, додаде таа.
Според СДСМ, станува збор за смислен, ситематичен и координиран напад врз правосудниот систем.
-Ако Судскиот совет биде срушен на ваков начин, следни се судиите што не се по волја на власта. Потоа ќе следуваат и нарачни пртесуди, како што сме гледале во минатото. Ако обвинителот биде сменет на ваков начин, без почитување на законите, следни ќе бидат сите што не се подготвени да работат по инструкции на Мицкоски. Оваа власт нема решение за реформи во правосудството, туку само ги проектира своите интерни манири на авторитаризам и апсолутизмот кои го спроведува во својата партијата спрема државата, истакна потпретседателката на СДСМ.
Најави дека СДСМ во претстојниот период ќе се спротивстави на ваквите недемократски дејствија.
-
Тања Чачарова Илиевска, која е меѓу петте членови на Судскиот совет за кои се поднесени интерпелациите, на 26 февруари во изјава за медиумите рече дека најсовесно и чесно ја извршувала функцијата и оти не чувствува ниту морална, ниту професионална одговорност да поднесе оставка.
Во интерпелацијата, како што оцени Чачарова Илиевска, нема индивидуализирано кои дејствија и кои постапки како член поединец на Судскиот совет ги преземала несовесно и незаконито, а кои би можеле да и се стават на товар заради работата на Судскиот совет.
На новинарски прашања, Чачаровска Илиевска посочи дека дала одговор на наводите на интерпелацијата која, рече дека повеќе упатува како интерпелација за Судскиот совет како колективно тело бидејќи нема индивидуализација на конкретната работа на поедини членови кон кои е поднесена интерпелацијата.
- Тоа е дискриминаторски однос кон членовите на Судскиот совет кои согласно Устав и закон се еднакви и рамноправни. Прекршено е начелото на еднаквост на членовите на Советот. Наведов дека е дискутабилна можноста, правото на Собранието за поднесување на интерпелација на член на Судски совет, имајќи го предвид фактот дека интерпелацијата е механизам на политичка контрола врз носителите на јавни функции. Во членот 69 од Уставот каде што се наредени надлежностите на законодавната власт има една одредба во која е наведено кој на кого може да му врши контрола Собранието преку интерпелација, преку механизмот интерпелација. И таму стојат носители на јавни функции коишто се одговорни пред Собранието, Владата, и секој поединечно на Владата, но не и носителите на јавни функции од судството така што, сметам дека ова е преседан во досегашната парламентарна историја на Република Северна Македонија што можеби има далекусежни последици, изјави Чачарова Илиевска.
-
Членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, за кој исто така е поднесена интерпелација, тогаш истакна оти се надева на позитивен исход по одговорите што ги навеле.
- Се произнесоваме по сите основи што беа наведени во интерпелацијата и се надеваме дека по надминување и исцрпување на процедурите во Собранието ќе се донесе позитивен исход по однос на нашите одговори коишто беа наведени, изјави Мустафа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа