Лукаревска: Економијата тоне, граѓаните осиромашуваат, Владата да ја покачи минималната плата

 


Економијата тоне, животниот стандард на граѓаните драстично се влошува а власта покажува неспособност и целосна незаинтересираност за кризата која самата ја предизвика, изјави на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.

Таа рече дека клучните економски параметри покажуваат дека на македонската економија не и оди, дека граѓаните имаат се помалку пари. Инфлацијата е зголемена и изнасува 5 отсто. Цените на храната се зголемени за 20 отсто. Индустриското производство е во пад од 1,4 а извозот е намален за 5,9 проценти.

„Платите стагнираат, нема зголемување ниту на минималната ниту на просечната плата. Најновите податоци се загрижувачки – дури 83.000 работници не ја добиле јануарската плата! Драстичниот раст на бројот на компании кои не успеваат да исплатат плата и отпуштените работници се првите знаци дека е влошена и нестабилна состојбата и во компаниите. Ова не се само бројки, ова се човечки животи, ова е нашето секојдневие. Реално, народот осиромашува. Ова се негативни економски трендови кои ќе продолжат доколку Владата итно не преземе конкретни мерки. Последната изјава дека нема пари за поголеми плати за работниците, дека нема пари за поголема минимална плата уште еднаш покажува отсутност од релноста. Тоа значи дека стандардот на граѓаните ќе продолжи да се намалува, граѓаните ќе имаат се помалку пари и нема да можат месецот да го поминат со високите сметки и цени на храна“, вели пратеничката.

Партијата побара од власта и од владејачкото мнозинство да обезбеди пари за покачување на минималната плата. Најмалку што заслужуваат работниците, велат од СДСМ, е фер минимална плата од 500 евра за достоинствен живот.

06.03.2025 - 13:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега