Додека еден крадел, друг внимавал да не наиде некој - ограбен автомобил со бугарски регистарски ознаки во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица на возраст од 22 и 30 години кои се осомничени дека заедно извршиле – Тешка кражба, кривично дело казниво според член 236 став 1 точка 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Како што соопшти денеска Обвинителството, двете лица на 10 јануари, на паркинг на булеварот „Илинденска”, со тврд предмет го скршиле задното стакло на паркиран автомобил со бугарски регистарски ознаки. Додека едниот преку отворот влегол во возилото, другиот внимавал да не наиде некој.
-Од автомобилот БМВ во сопственост на бугарска фирма, кој го управувал бугарски државјанин, двајцата осомничени украле ташна со лаптоп, 12.000 евра и други предмети, по што избегале со сопствено возило, се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог со кој побарал двајцата осомничени во текот на постапката да бидат обезбедени со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат на определено службено лице во Судот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа