Радовишанка родила близнаци па ги оставила во болница

 

Пред неколку денови во одделот за гинекологија при штипскиот Клинички центар жена од Радовиш на свет донела две близначиња, но ги оставила во болницата и си заминала. Како што јавува Плусинфо, мајката по породувањето најавила дека ќе ги остави бебињата поради лошата финансиска состојба во која се наоѓа. 

И покрај обидите на болничките власти да ја предомислат мајката да си ги остави штотуку родените дечиња, сепак таа решила да си замине. Радовишанката усно се откажала од двете бебиња и, бидејќи таа е родум од Радовиш, за случајот е надлежен токму тамошниот Центарот за социјални работи.

- Бебињата пред да бидат пренесени во Битола беа во дробра здравствена состојба. Како што ни кажуваше мајката, таа дома веќе имала неколку деца и не била во финансиска можност и овие две близначиња да ги одгледа. Иако ги остави во болница и си замина, не ни остави впечаток дека така мирно ќе ги остави децата. Законот ѝ дозволува во рок од три месеци да се предомисли и да побара бебињата да ѝ бидат вратени за да си ги одгледа. Но, доколку реши да се откаже од нив, треба да потпише изјава во радовишкиот Центар за социјални работи, велат од болницата за Плусинфо.

Од министерството за труд и социјална политика велат дека околу 80 деца чекаат за посвојување. Тоа може да се оствари ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот, а за тоа одлучува Комисијата која е составена од пет члена именувани од министерот, велат од министерството за труд и социјална политика. Посвоител може да биде раѓанин кој е деловно способен, има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постар од 45 години. Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Брачни другари можат да се јават како посвоители, ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница. Не може да се посвои сродник во права линија, ниту брат ниту сестра. Покрај другите законски услови, посвојувачите мораат да приложат документи дека не се лишени од родителски права од Суд, не се осудувани, не им е одземена деловната способност, доказ дека имаат сопственост на стан, да приложат дека имаат месечни примања, а доколку посвојувачите се странски државјани, потребно е покрај овие документи да достават и социјален извештај од надлежната служба во кој треба да биде содржана и согласноста на земјата, соодветните лица да можат да посвојат дете од нашата земја, јавува Плусинфо.

27.12.2013 - 11:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега