Дурмиши: Се шири „Новогодишната кошничка“ - над 1000 производи со пониски цени
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши соопшти дека откако вчера стартуваше мерката „новогодишна кошничка“ бројката на производи кои се опфатени со неа се зголемил на 1036 производи. Со мерката како што претходно беше најавено од страна на Владата, граѓаните ќе можат да набавуваат поевтини производи за 10%.
Според Дурмиши, во акцијата досега се приклучиле над 90 производители и дистрибутери на производи.
„Новогодишната кошничка“ започна вчера и според најавите на надлежните ќе трае до 15 јануари 2025 година. Дурмиши оценува дека со мерката ќе може директно да им се помогне на граѓаните преку подобрување животниот стандард и празниците да ги поминат во пристојни услови.
Производите кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите со посебна ознака, појасни Дурмиши.
Листата на производи како што нагласи, не е затворена, а Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен со цел утврдување на злоупотреби на мерката, и доколку истите бидат регистрирани како што најави ќе се пишуваат казни.
На рафтовите, како што истакна, треба да биде истакната и новата и старата цена на производот.
Дурмиши апелираше до компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која сами тие ја имаат креирано а доколку граѓаните имаат забелешки истите да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната на инспекторатот.
Директорот на пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски без прецизен одговор дали трговците ги зголемиле цените 30 дена пред да почне „новогодишната кошничка“ и дали Владата е изиграна.
„Постапуваме по Законот за заштита на потрошувачи. Кога е акциска продажба се утврдуваат цените во изминатите 30 дена“.
На забелешката дека инфлацијата во ноември пораснала токму во делот на храна и пијалоци и дека тоа покажува дека некој во ноември ги зголемувал цените во тој дел, тој укажа дека законот е јасен.
„Конкретно за оваа иницијатива на трговците, цените се утврдуваат изминатите 30 дена а за другото формално правно имаме механизам да ги провериме уште еден месец наназад но по Закон на потрошувачи ние контролираме овие 30 дена. Треба да видиме на што се должат тие зголемувања, некаде имаме и берзански производи, а после да излеземе со коментар. Во секој случај тоа треба да го провериме“.
На прашањето за можни казни доколку имало злоупотреба тој рече дека Законот за потрошувачи е јасен.
„Се надевам дека трговците, ова е нивна иницијатива и се надевам дека ќе ја почитуваат и се надевам дека на дело ќе ја изразат нивната општествена одговорност а пред се тука се граѓаните да судат. Втор ден е од акцијата, ние вчера бевме на терен имаме генерално ситни забелешки но денеска имаме информација дека се отклонети“.
Надлежните порачаа дека сите неправилности кои ќе бидат утврдени во однос на изигрување на цените да бидат навремено пријавени до пазарната инспекција. Ќе има, како што беше речено на прес-конференцијата, прво опомени а постојат и казнени одредби за која надлежните оценуваат дека нема да има простор, бидејќи мерката треба да има влијание за заштеда на семејниот буџет на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа