Лимани: 350 деца Роми ќе одат во градинка бесплатно

 


Околу 350 деца Роми, на возраст од три до шест години, ќе престојуваат бесплатно во јавните градинки во 21 општина во државава. Во рамки на проектот „Инклузија на децата Роми во јавните општински установи – детски градинки“, денеска беа потпишани договори за соработка меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и градинките на нивна територија каде што ќе бидат згрижени децата од таа етничка заедница.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани рече дека инклузијата на деца Роми во градинките ќе биде овозможена со блок-дотации кои на општините ќе им ги обезбеди Министерството.


 

„Преку оваа соработка, сите заедно придонесуваме за вклучување на што поголем број на деца Роми во предучилишниот воспитно-образовен процес. Треба да продолжиме да вложуваме во образованието на децата Роми од што придобивка има целото наше општество“, изјави Лимани.

 Проектот го поздравија неколку градоначалници што присуствуваа на настанот.

12.11.2024 - 12:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега