Петрушевски обвинува: СДС и ДУИ профитирале од експропијација - испроектирале траса кон Блаце, па купувани биле имоти
СДС и ДУИ 7 години не направија ниту еден автопат. Се што правеа беа само калкулации за криминал и профит на поединци. Автопатот од Скопје до Блаце во должина од само 10 километри е испроектиран по траса која ќе ја чини државата 300 милиони евра, обвини пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, поранешната власт сакала сериозно да профитира од експропријацијата.
-Каде е проблемот? Избрана е траса по која одредени луѓе непосредно пред да почне проектот купувале имоти. Очигледно е дека врвот на ДУИ и СДС сакал сериозно да профитира од експропријацијата и траса со многу тунели. За ова е информирано ЈО и очекуваме постапки. Народот очекува одговори дали претходната власт сакала да инкасира милиони преку блиски лица. ЈО да покрене постапка и даде одговори. Македонија нема 300 милиони евра за фрлање на автопат од само 10 километри. Трасата треба да се препроектира и да се добие автопат по далеку помала цена. Загуба за државата нема да има никаква, ќе има само за луѓето блиски до поранешната власт кои сакале да инкасираат милиони. Недозволиво е да се трошат стотици милиони евра за проекти кои може да чинат многу помалку. СДС и ДУИ не работеле за да направат автопат туку за да профитираат. Неодговорното и неспособното однесување заврши со нив, рече Петрушевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа