Премиерот одговори на критиките на СДСМ: Се што кажаа, промашија

 


Единственото нешто што е катастрофално во Македонија е состојбата која што СДСМ ја остави после седум години разбојничко управување со државните ресурси, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ дека извештајот на Светската банка е катастрофален.

Мицкоски посочи оти е задоволен што во оваа Влада сите економски индикатори се позитивни.

-Единственото нешто што е катастрофално во Македонија е состојбата која што СДСМ ја остави после седум години разбојничко управување. Она што го прави оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е сето тоа да го консолидира, јас сум повеќе задоволен што слободното паѓање го сопревме и добро е што како оваа Влада сите индикатори се позитивни, рече Мицкоски, кој денеска рисуствуваше на Фестивалот на смоларски костен во Ново Село.

Според Мицкоски, „се што кажаа од СДСМ, промашија“.

-Она што можам да го кажам е дека се што кажала СДСМ промашија. Овие прес-конференции треба да бидат само знак дека е спротивно од тоа што тие го кажуваат е во реалноста. Им благодарам на СДСМ што преку своите прес-конференции и пораки кои ги испраќаат во јавноста само потврдуваат и ги потсетуваат граѓаните за своето седум годишно разбојничко владеење, управување со ресурсите во Македонија, и ги потсетуваат граѓаните на сите понижувања и национални отстапки што ги правеа на сметка на зголемување на своето лично богатство и богатење на грбот на граѓаните, додаде Мицкоски.

Тој, одговорајќи на новинарско прашање дали се планира покачување на платите само на наставниците, потенцираше дека зголемувањето на личниот доход подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал.

-Зголемувањето на личниот доход подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал, сите оние кои не се наставници, професори во основното и средното образование. Ќе ги потсетам сите оние кои се вработени во образованието дека октомвриската плата како што ќе биде ислатена сега во ноември, ќе биде повисока за пет проценти, потоа почнувајќи од мартовската плата од 2025 година која ќе биде исплатена во април 2025, ќе има седум проценти зголемување, од март 2026 година помеѓу седум ипол и десет проценти, во зависност од состојбата на буџетот, додаде Мицкоски.

19.10.2024 - 15:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега