Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство

 

Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2024 организирана се одржа во петок, 18 октомври 2024 во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Северна Македонија. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција.

Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.

„Новинарството ни треба за функционира демократијата. Професионалното новинарство ни помага да се справиме со многу предизвици. Социјалните мрежи лесно креираат јавно мислење. Она што е потребно е да се обидеме да асистираме на професијата, да не кажам, да ги достигне ЕУ стандардите, туку да се осигураме  новинарите да можат да работат на истражувања. Ова е можност да се покаже импактот на истражувачкото новинарство кое креира општествени промени и средина во која граѓаните ќе просперираат“, рече амбасадорот Рокас.

Претседателот на жири-коисијата Валентин Нешовски даде увид во процесот на селектирање на пристигнатите апликации и темите кои биле истражувани.

„Мора да кажам иако ќе звучи како фраза - жирито имаше тешка работа. Не затоа што не уживавме во работата туку затоа што од вас добивме за анализа одлични новинарски трудови. Процедурата на жирирање вклучуваше поединечно бодување по сите овие критериуми а потоа и состанок на кој се дебатираа резултатите. И тука мора да кажам се соочивме со тесни резултати. Поради, пак, ќе нагласам, квалитетот“, рече Нешовски.

По говорите беше претставена жири-комисијата која ја сочинуваа Валентин Нешовски, Лајла Веселица и Константин Тесторидес.

Победниците на кои сертификатите им ги додели амбасадорот Рокас беа прогласени во следниот редослед:

3. место:
Александар Методијев и Сузана Мицева за сторијата „Кревките Шуми“ (Нота.мк) која истражува нелегална сеча на шуми и институционална негрижа за животната средина.

2. мето:

Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Семејно стебло Зајас, Соравиа, струја, дипломатија“ од емисијата КОД, ТВ Телма која открива фамилијарни врски и злоупотреби од високи функционери.

1. место:

Ирена Мулачка од Фокус за сторијата „Скандал Онкологија“ (Фокус) со која се открија злоупотреби со терапиите за онколошките пациенти.

По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:

„Во целата приказна, вработените на онкологија се охрабрија да учествуваат во сторијата и да зборуваат за тоа што се случувало таму. Искрено се надевам дека малку од малку успеав оваа приказна да помогне на пациентите во Македонија и се надевам дека до крај на годината ќе има правна разврска. Благодарност до редакцијата Фокус, до жирито и до моето семејство“, рече Ирена Мулачка.

„Благодарност до жирито за наградата. Рекоа дека е храброст да се истражува и жирито ја препозна храброста да се истражува едно семејство кое до скоро беше во власта. Истражувачкото новинарство расте, многу ми е мило што ЕУ не се откажува од нас и и ни дава поддршка“, рече Миомир Серафиновиќ по примањето на наградата.

„Чест ми е што сум овде, што ова неверојатно патување кое го имавме со колегите, ја доби втората награда по она од СЕММ и УНЕСКО. Беше предизвик да се отиде на Јабланица, непокорот на локалното население заслужува признание затоа што нивното противење да се уништува шумата не мотивираше да ја направиме сторијата“, рече Сузана Мицева.

Победниците на националниот конкурс за ЕУ наградата за истражувачко новинарство ќе имаат шанса да се натпреваруваат и за регионалниот конкурс на кој се наградуваат стории со регионално влијание од посебна жири-комисија. Победниците на регионалниот конкурс ќе бидат објавени во последната недела на Октомври во Анкара, Турција.

18.10.2024 - 20:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега