Почина Иво Лауренчиќ
По долго и тешко боледување денеска почина Иво Лауренчиќ, легенда на македонскиот и регионалниот маркетинг, претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеја плус“.
Во својата кариера Лауренчиќ создал над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се пример за врвни достигнувања.
Роден е во Шибеник, завршил Филмска академија во Белград, бил директор на Втората програма на РТВ Белград, работел на многу проекти, градејќи кариера како слободен филмски уметник. Снимал документарци, бил помошник-режисер на „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Грлом у Јагоде“... Со негов потпис беше и видео изразот за последната песна на Евровизија во поранешна Југославија, која во 1990 се одржа во Загреб. Паралелно се усовршувал за маркетинг, комерцијален и политички.
Во Македонија дошол пред 20 години на покана на тогашниот директор на Пивара Скопје Светозар Јаневски. Тука ја развива маркетинг-агенцијата „Идеја плус“, по урнекот на „Идеја плус“ од Белград која веќе успешно работеше во Србија. Набргу агенцијата стана школа за маркетинг во Македонија.
Лауренчиќ го осмсли и реализира серијалот од 1.060 емисии „Говорете македонски“ за Македонската телевизија. Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“ која доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.
Неговите соработници го опишуваат како бескомпромисен перфекционист, одличен и искрен пријател.
Комеморативната седница ќе се одржи во среда, 15 мај, во Едукативниот центар М6 во Скопје. Погребот ќе биде извршен на градските гробишта Бутел, истиот ден во 13 часот.