Георгиевски: Се разгледува референдумското изјаснување на граѓаните за одземање мандат на градоначалниците
Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски вечерва истакна дека во рамки на измените на Законот за локална самоуправа ја разгледуваат можноста на референдумско изјаснување на граѓаните за одземање на мандат на градоначалниците за да не се чека до завршување на мандатот ако не се задоволни од работењето на одреден градоначалник.
-Во минатото имало една пракса која што значела референдумско изјаснување на граѓаните па подоцна било прекината во 2005 година. Го разгледуваме тоа како опција, но не исклучуваме и останати опции кои што ќе се разгледуваат. Овде не се работи за состојба во која што е засегнат Орце или останати поединци од нашата политичка партија локални функционери, туку се работи за промени во системот во кој што долгорочно ќе ги решава проблемите. Мораме да работиме на ваков механизам, вакво систематско решение кое што во перспектива од првиот ден кога некој ќе стане градоначалник и ќе му дадат граѓаните шанса, нема да чека да му помине мандатот и да ги користи бенефитите од сето тоа а да не може народот да реагира, туку ќе имаме еден механизам одбранбен за граѓаните да можат да реагираат во такви околности, рече Георгиевски на вечерашното гостување на „Тема на денот“ во Сител телевизија.
Тој потенцира дека согласно постоечките законски регулативи нема можност Владата да реагира и да ги одземе ингеренциите на одреден градоначалник и посочи дека работна група работи на подготвувањето на измени во Законот за локална самоуправа.
-За да се одземаат ингеренциите треба да има законска можност за истото. Се испостави дека согласно постоечките законски регулативи нема можност Владата да реагира и да ги одземе ингеренциите и затоа сме во фаза каде што имаме посебно тело специјално за ова работа што работи на одредени измени, односно интервенција во Законот за локална самоуправа каде што овие аномалии во системот од минатото ќе бидат отстранети. Тука не се работи само за промени поврзани со одземањето на ингеренциите. Во медиумите спомнав и за начинот на кој што вие можете да го одземете предвреме да не е тоа по редовен пат на избори мандатот на градоначалникот. Во минатото, за жал, нема направено интервенција онака како што треба темелно на Законот за локална самоуправа. Сметаме дека сега е вистинскиот момент, рече претседателот на ЗЕЛС.
Георгиевски напомена дека работењето на законските измени нема да биде брз и едноставен процес и преку ноќ да се решаваат состојбите и ќе се одземаат ингеренциите.
-Но, мора од некаде да почнеме. Ова ќе биде состојба во која што верувам дека на крајот ќе се донесе законско решение кое што во перспектива нема да дозволи повторно ваква казна да се случува за скопјани, односно да се случува една непогода како што е Арсовска во моментов, рече тој.
Георгиевски повтори дека има амбиција на наредните локални избори да се кандидира за градоначалник на Градот СКопје, но потенцира дека за тоа допрва ќе треба да одлучи неговата политичка партија - ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас кажав дека ја имам таа амбиција. Се уште ја имам таа амбиција и нема да ми запре мојата амбиција во целиот процес. Изминатите три години покажав како е да работите и да организирате општина како Кисела Вода која во минатото беше на маргините со долг наследен од над 3,5 милиони евра на сметката. Покажавме како се работи систематски и се решаваат проблемите на граѓаните, проблеми кои што биле напластени години наназад. Верувам дека мојата политичка партија ќе спроведе низа на анкети во наредниот период. Јас длабоко верувам во граѓаните на Скопје, мојот народ и убеден сум дека би добил поддршка за тоа, рече Георгиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа