Орхан Муртезани задолжен да не внесе во ЕУ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Македонија во овој блок.
Назначувањето се случило на владина седница одржана денеска (17 септември).
„Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење на моите сограѓани рамо до рамо со нашите стратешки партнери. Задачата ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ“, порача Муртезани преку Фејсбук по назначувањето.
Според тоа што стои во неговата официјална биографија тој завршил додипломски студии на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во периодот од 2004 до 2009 година.
Постдипломски студии завршил на Универзитетот Мармара во Истанбул, Турција, во периодот од 2012 до 2014 година.
Тој е поранешен генерален директор и претседател на Управниот одбор на државната МЕПСО, во периодот од 2021 до 2023 година.
Муртезани е и соосновач и директор на Оки транс логистикс ДОО во периодот од 2020 до 2021 година.
Бил и генерален директор и претседател на Управниот одбор на Македонски железници – транспорт, во периодот од 2019 до 2020 година.
Од 2015 до 2017 година бил директор на Центарот за демократија и развој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа