Стигна и официјална потврда: Се вршат претреси во струмички фирми за даночна измама
И од министерството за внатрешни работи, како и од обвинителствoто стигнаа официјални потврди дека се вршат претреси во повеќе фирми поради даночно затајување и даночна измама, но нема официјални информации за местата каде точно се вршат претреси.
Како што објавивме и претходно денеска, неофицијално, станува збор за претреси на повеќе локации во фирми и домови во Струмица, Скопје и Гостивар.
„По доставено известување од страна на МВР до ОЈО за ГОКК, оформен е предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ по чл.279 „даночна измама“ по чл.279-а и „перење пари и други приноси од казниво дело по чл.273 од КЗ. Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, издадени се наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови, каде координирано постапуваат полициски службеници, истражители од истражен центар на ОЈО ГОКК и службени лица од Управата за јавни приходи. При претресите е обезбедена поголема документација која ќе биде предмет на дополнителна обработка и анализа со цел обезбедување на материјални докази за потребите на водењето на понатамошна кривична постапка“, стои во официјалното соопштение на МВР испратено до медиумите.
Дополнително, неофицијално во случајот се вмешани луѓе кои важат за блиски до највисоките структури на претходната власт, а под полициска опсада е познат ресторан во Струмица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа