Божинов: Ново Село е мала Швајцарија
„Нашата Општина Ново Село сакаме да си ја викаме мала Швајцарија, затоа што ги имаме најубавите и најголемите водопади во државата. Смоларскиот водопад, Колешински водопад а тука се и Мокринските извори кои што покрај тоа што се познати во регионот, познати се и на сите граѓани во Република Македонија“ , говореше градоначалникот на Општина Ново Село Ѓорѓе Божинов, на вечерашното гостување на Алфа телевизија во емисијата „За или против“, каде што фокусот беше насочен кон југоисточна Македонија и како се третираат природните богатства.
Божинов исто така додаде дека уште на самиот почеток на неговиот мандат приматот го поставил токму кон зголемување на промоцијата на убавите локалитети со кои располага општината. Дополнително се соочувале со предизвик заради недостиг на сместувачки капацитети.
„Како млад човек и како градоначалник уште на самиот старт започнав со работење и водење на општинската администрација токму за промоција на овие наши убави локалитети.Во текот на работењето се соочивме и со предизвици. Сите наши туристи и посетители доаѓаат само на еден ден и заради недоволни сместувачки капацитети тие мора да ја напуштат нашата општина и да се сместат во соседните општини“ , изјави Божинов.
Божинов истакна дека веќе се изработени урбанистичко плански документации за две викенд населби, станува збор за локациите Мокрино и Смолари. Напомена дека идејата е македонските граѓани да имаат можност да си купат парцела, и да може да ги уживаат убавините кои ги нуди самата природа.
„Во почетокот на мојот мандат започнавме со изработка на урбанистички плански документации за две викенд населби, од кои едната се наоѓа во Мокрино, а втората се наоѓа во Смолари.И двете викенд населби се во една преубава зелена природа, под планината Беласица. Основната цел е да и на нашите сограѓани кои живеат во регионот, а и на сите граѓани како во Македонија, но и на нашите граѓани кои се наоѓаат во странство да им понудиме можност да си купат една убава парцела од 500 метри квадратни и да изградат викенд куќа“ потенцираше тој.
Божинов испрати порака до граѓаните дека веќе од нареден месец ќе започне јавната продажба, додавајќи дека ова е одлична можност за граѓаните кои ја избираат природата да направат одличен избор со купување парцела. Тој е горд што општината економски ќе се развива, а граѓаните ќе ги уживаат придобивките.
„Идејата е поголемиот дел од парцелите да бидат издавани на популарни сајтови, се со цел да може економски општината да има поголема придобивка од секој еден турист кој што доаѓа во државата. Можам да кажам дека сум горд дека веќе нареден месец ќе ги објавиме јавно на продажба овие парцели и секој еден граѓанин ќе може да учествува на јавно наддавање и ќе може да си купи парцела во најубавата природа во државата“ , заклучи Божинов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа