Македонија повторно испраќа свој мировник во Либан

 

Собранието на Република Македонија денеска во рамките на 60-тата седница ја усвои одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на ОН УНИФИЛ во Либан.

- Се работи за седма ротација на наш припадник во оваа мировна операција УНИФИЛ во Либан, која е под покровителство на ОН. Нашиот припадник ќе биде испратен овој месец, со мандат од една година. Македонија има свој  офицер претставник во оваа мировна операција од 2007 година што е многу знајано за промоција на земјата на глобален план како придонесувач за светскиот мир и безбедност, рече заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, кој ја образложуваше Предлог одлуката.

Пратениците на денешната седница го ратификуваа и Договорот меѓу Владата на Република Македонија и НАТО силите на Косово (КФОР) за хеликоптерски операции-медицинска евакуација.

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров истакна дека основна причина на овој договор е заштеда на време при итните летови за медицинска евакуација на персоналот на КФОР.

- Тоа е од клучно значење кога е загрозен човечки живот. Со договорот се утврдени новите локации за слетување - касарната Илинден во Скопје и воениот стадион близу Градскиот парк во Скопје, рече Зоран Петров.

Собранието ги усвои и дополнувањата на Законот за данок на добивка, чија основна цел, според предлагачот е пропишување на правен основ за донесување на подзаконски акти со кои ќе се утврдат нормативите за дозволената висина на кало, растур, крш и расипување на стоки, при што од аспект на Законот за данокот на добивка над нормираните износи утврдени за соодветните гранки нема да се признаваат за даночни цели при утврдување на даночната основа на која се пресметува и плаќа данокот на добивка.

Во рамки на денешната 60. седница пратениците усвоија изменувања и дополнувања на повеќе закони во второ читање

ФОТО: Нова Македонија

најчитано сега