Вулин кон Северна Македонија: Големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите, но кога шумите ви горат, Србија прва ќе помогне
„Големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва што ќе помогне“, и порача на Северна Македонија српскиот вицепремиер и поранешен министер за полиција Александар Вулин, јави дописникот на МИА од Белград.
-Имате убав јазик, побарајте во него зборови што означуваат чест, лојалност, благодарност, рече Вулин, потсетувајќи дека Србија и помага на Северна Македонија во гаснењето на шумските пожари и покрај тоа што Северна Македонија беше „спонзор на антисрпската резолуција за Сребреница“.
Како што пренесува белградскиот весник Ало, Вулин потсетува дека како министер за полиција, секоја година испраќал луѓе и опрема за да и помогне на Северна Македонија да ги гасне пожарите, како и денес, кога српските хеликоптери и пожарникари се борат со огнот за да ги спасат луѓето и имотот на Северна Македонија.
- Драги наши соседи, следниот пат кога ќе ве повика некој амбасадор и ќе ве замоли да гласате за нешто што длабоко ја навредува Србија, како лагата за геноцидот во Сребреница, сетете се кој бил кај вас кога горело, кажа Вулин.
Тој додаде дека „големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите и Србија, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва што доаѓа да помогне“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа