Британскиот министер Томас: Возбуден сум што македонски и британски бизниси ќе работат заедно на клучни инфраструктурни проекти
„Навистина е задоволство да бидеме домаќини на вицепремиерот Николоски тука во Лондон, како и на големата делегација составена од други министри и претставници од кабинетите, за потпишувањето на нашето меѓувладино партнерство“, изјави Гарет Томас, министер за трговија и извоз на Обединетото Кралство, по потпишувањето на меѓувладиниот договор меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Министерот Томас истакна дека Обединетото Кралство и Северна Македонија имаат силни билатерални односи како сојузници во НАТО, а ова ново партнерство е значаен чекор напред во идната трговија меѓу двете држави.
„Навистина сум возбуден што македонските и британските бизниси ќе работат заедно за да можат да испорачаат важни инфраструктурни проекти во Македонија“, потенцира Томас.
Меѓувладиниот договор ќе поддржи испорака на клучни проекти, со првичен фокус на модерни здравствени установи и пристап до здравствени услуги. Исто така, значаен дел е и новата железница, која ќе го намали времето на патување како за луѓето, така и за стоките.
„Инфраструктурните инвестиции знаеме дека се клучни за да се поттикне економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните. Знам дека тоа е наша заедничка цел, за нашите влади се разбира и ова партнерство е поддршка за таквата испорака, за да се поттикне растот, да се споделат најдобрите практики меѓу нашите две нации, и секако односот меѓу нас да дојде на едно ново ниво“, заклучи Гарет Томас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа