Почна комисиската расправа за Предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа

 

На седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците вечерва започна расправата за Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа, по скратена постапка. Седницата е прекината на половина час на барање на пратениците на СДСМ поради недоразбирање околу времетраењето за обраќање на пратеник, согласно новиот Деловник на Собранието. 

Фатмир Битиќи, вицепремиер и пратеник од СДСМ, зборуваше за Предлог-законот изнесувајќи низа критики, меѓу кои и дека тој се носи без соодветна анализа и дебата, како и без објаснување како тој ќе ги смени животите на граѓаните. Според него, се зголемува бројот на министерства и другите органи а со тоа администрацијата ќе стане поробусна и уште понеефикасна. Обвини за недостаток на инклузивност поради фактот дека законот има само еден предлагач и во ситуација кога за носење на законот има потреба од двотретинско мнозинство. Изборните резултати, според Битиќи, не се трајна гаранција за легалитет. 

Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов го опомена Битиќи дека го надминал времето за зборување, по што реагираше Славјанка Петровска исто така од СДСМ и побара да се цитира член од новиот Деловник во однос на времетраењето на дискусиите на пратениците. Како заменик-координатор Битиќи побара половина час пауза, за што Пренџов се согласи но побара и куса координација за да се надминат недоразбирањата. 

Процедурална забелешка имаше и координаторот на пратениќката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој кажа дека ќе се работи се додека не се донесе Предлог-законот и да го исполнат она што граѓаните го побарале од нив. 

Претседателот на Комисијата Пренџов на почетокот на седницата информираше дека за Предлог законот бил поднесен еден амандман од Левица кој бил одбиен како неуреден. 

Претходно денеска Собранието ја изгласа потребата за носење на Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа, што претставува вовед во формирање на новата Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

07.06.2024 - 20:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега