ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема кредибилитет да зборува за евроинтеграциите на Македонија
Додека СДСМ беше на власт, Република Македонија никогаш не доби извештај со препорака за започнување на преговорите во Европската Унија, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Лидија Димова од СДСМ.
-Во време кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, Република Македонија веќе 5 години по ред успева да добие позитивни извештаи. На македонската јавност и е повеќе од јасно дека доколку не беше проблемот со името, кој е наследен од периодот кога владееше СДСМ и за кој челниците на СДСМ со години јавно изјавуваа и ја убедуваа јавноста дека времето работи за нас, ние одамна ќе имавме датум за преговори со ЕУ, а преговорите за полноправно членство со ЕУ ќе беа во самиот финиш. СДСМ нема лице и кредибилитет да зборува за ништо што е поврзано со ова прашање, стои во реакцијата од владејачката партија.
Ги советуваме СДСМ, стои во реакцијата, да ги отворат извештаите за Република Македонија од времето кога тие беа на власт и нека се запрашаат зошто никогаш не добија препорака за почеток на преговорите.
-Го повикуваме СДСМ да каже, со оглед на фактот дека единствена пречка за почеток на преговорите е наметнатиот спор за името од страна на Грција, кој предлог е прифатлив за нив и како тие би го решиле ова прашање. Посебно, заради тврдо изразените позиции од Грција за едно име со географска одредница за севкупна употреба, стои во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа