Митилинеос – стратешка инвестиција што ќе ја зајакне енергетската независност и ќе обезбеди поевтино парно за Скопје

 

Конегергетивната централа во Скопје што треба да ја гради мултинационалната компанија со потекло од Грција Митилинеос е една од четирите стратешки инвестиции во енергетиката која треба да ја зајакне енергетската независност на државата.

Станува збор за инвестиција од 290 милиони евра за изградба на конегеративна централа која ќе има годишно производство на околу 1.150 GWh електрична базна енергија.

Процесот на реализација на оваа инвестиција започнува уште во 2022 година кога на објавениот Јавен повик, Митилинеос поднесува  барање за утврдување на статус Стратешки инвестиционен проект.

Стратешкиот инвестиционен проект се однесува на развојот, изградбата и работењето со комбинирана постројка за топлинска и електрична енергија (CHP) во Градот Скопје.

Станува збор за изградба на високо-ефикасна когенеративна постројка за производство на топлинска и електрична базна енергија кој би била лоцирана во индустрискиот комплекс Железарница, во Скопје и која би почнала со работа за околу три години од денес.

Кој е Митилинеос на светскиот пазар?

MYTILINEOS Energy & Metals е глобална индустриска и енергетска компанија, основана во 1990 година и претставува еволуција на стариот металуршки семеен бизнис кој функционира од 1908 година. Во 2017 година, мајката компанија MYTILINEOS ги присоединува своите подружници (Aluminum of Greece, METKA, Protergia), формирајќи голема индустриска и енергетска грчка и мултинационална компанија, проширувајќи ги активности на сите пет континенти. Корпоративната трансформација на MYTILINEOS Energy & Metals таргетира два деловни сектори: енергија и металургија, односно, во фокусот има проекти поврзани со енергетска транзиција и дигитална трансформација, заснована на одржлив развој и циркуларна економија, како и конкурентна зелена металургија на европско и, генерално, на глобално ниво.

Митилинеос има големо и докажано искуство во изградбата и работењето со слични енергетски капацитети, со успешно изградени околу 14.000 MW електроцентрали на гас во светот и е најголемото приватно интегрирано енергетско претпријатие во Грција, со консолидиран промет од 6,35 милијарди евра и профит пред оданочување од 823 милиони евра.

Бројот на директните и индиректни вработени во Грција и во странство се движи околу 5.500 лица

Во енергетскиот сектор MYTILINEOS е најголемата грчка приватна компанија и го опфаќа целиот спектар на енергија.

Митилинеос има големо и докажано искуство во изградбата и работењето со слични енергетски капацитети, со успешно изградени околу 14.000 MW електроцентрали на гас во светот и е најголемото приватно интегрирано енергетско претпријатие во Грција.

Во портфолиoто на компанијата се наведни: Развој, изградба и работа на термални единици и проекти за ОИЕ, проектирање и изградба на инфраструктурни проекти за електрична енергија, малопродажба на електрична енергија и природен гас, снабдување и трговија со природен гас и обезбедување конкурентни енергетски производи и услуги (енергетска ефикасност и интеграција, услуги за паметни градови и проекти за водород итн.)

MYTILINEOS е исто така лидер во индустријата за металургија. Работејќи со единствената вертикално интегрирана единица за производство на боксит, алуминиум и примарен алуминиум низ ЕУ со пристанишни капацитети во приватна сопственост и најголема единица за комбинирано производство на електрична енергија, рециклирање на рециклиран алуминиум и цинк-олово.

MYTILINEOS е еколошки ориентирана со план за минимизирање на јаглеродниот отпечаток, со цел да ги намали вкупните директни и индиректни емисии на CO2 за најмалку 30% до 2030 година, во споредба со нивоата од 2019 година, додека до 2050 година компанијата е посветена на постигнување нето нула емисии низ целата своја деловна активност.

Каков ќе биде видот и обемот на финансиска помош кон стратешката инвестиција на Митилинеос?

Во јавноста постои разногласие околу тоа дали и каква државна помош треба да добие оваа стратешка инвестиција.

На таа тема разговаравме со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски кој истакна дека оваа инвестиција ги добива поволностите како и сите други инвестиции во државата и дека не се работи за привилегиран статус како што некои тврдат.

„Финансиската поддршка од државата со Предлог законот и Договорите е дефинирана на 17% што на предвидена инвестиција од 290 милиони евра изнесува нешто под 50 милиони евра. И веднаш ќе кажам дека компанијата е обврзана уште по првиот ден да ги плаќа сите давачки кон државата, вклучително придонеси за вработените, персонален данок и данок на добивка. Значи нема никакви ослободувања. Само по оваа основа, согласно деловниот план кој ни е доставен за период од 30 години државата ќе приходува помеѓу 120 и 150 милиони евра. Или во бројки,  на секое евро вложено во проектот во буџетот на државата ќе се слеат помеѓу 2.5 или 3 евра. Во изминатиот период со новиот пристап на работење што го воведовме пред три години, успеавме износот на инвестиции да биде значително поголем во однос на минатата декада а при тоа обврските на државата за финансиска поддршка да ги преполовиме, а во некои случаи и да ги намалиме за повеќе од 60% во однос на она што било пракса претходно кога странските инвеститори биле ослободувани од сите давачки а добивале помош. Ова го зборувам, а се потврдува и низ бројките коишто ги имаме во овие неколку години, дека имаме значително зголемени приходи во буџетот. Само минатата година во буџетот се слеани близу 75 милиони евра, а од наша страна се исплатени помалку од 20 милиони евра државна помош.“ вели Деспотовски. 

Скопска „Железара“ станува индустриска и енергетска зона 

За реализација на оваа инвестиција е избрана локација во комплексот на поранешните „Рудници и Железарница Скопје“. Истото е направено со цел не само да се ревитализира просторот на еден поранешен индустриски капацитет, туку и да се овозможи истиот да заживее. 

„Со овој проект државата конечно ќе стави рака на имотот, односно на земјиштето кое им припаѓа на сите граѓани имајќи предвид дека во не така дамнешното минато имало различни интереси и обиди тоа земјиште да помине во приватни раце. Во однос на користењето на земјиштето сакам да напоменам дека со Договорот Компанијата се обврзува да плаќа 2 евра по метар квадратен годишен надомест, или вкупно само по овој основ државата ќе приходува 7 милиони евра. Тоа се 7 милиони евра повеќе од нула колку што државата приходувала, односно не приходувала, откако овој поранешен индустриски капацитет престанал да работи. Предноста на локацијата е што инфраструктурата веќе постои а стратешкиот инвеститор се обврза да го изгради капацитетот и целосната потребна инфраструктура и мрежа. Обврска на државата е да изгради само пристапен пат од 500 метри“ објаснува Деспотовски.

Кои се клучни придобивки за граѓаните и државата од инвестицијата на Митилинеос? 

Стратешката инвестиција на гасна конегертивна централа треба да обезбеди намалување на топлинската енергија за најмалку 40%.

Тоа ќе ги намалу цените на парното греење во Скопје и директно ќе влијае на зголемување на интересот на граѓаните, особено оние кои некогаш се исклучиле, повторно да се приклучат на мрежата. 

Тоа пак, ќе ослободи доста електрична енергија што скопјани сега ја користат за затоплување на своите домови, наместо парното греење.

Дополнително овој проект дава директен придонес кон намалување на аерозагадувањето на главниот град.  

Дали се е завршено или можно е репреговарање за инвестицијата?

Министерот за економија, Крешник Бектеши вчера изнесе забелешки за една од стратешките инвестиции која иако не беше конкретно посочена, сепак станува јасно дека се однесува на грчки Митилинеос.

„Преговорите за овие стратешки инвестиции ги водела посебна владина комисија, па Министерството за економија и неговите претставници не учествувале во тој процес. Имаме забелешки јас лично и мојот експертски и советнички тим и бараме да се репреговара со стратешкиот инвеститор за една од инвестициите. За мене е спорно, а тоа го слушаме и од експертите и анализите кои ги правиме, за лиценцирани, рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата. Мислиме дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид државна помош, индиректна, било тоа да се фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија, веќе ја користат државната помош од страна на Владата“, рече Бкетеши.

Како контраргумент на ова, Деспотовски од ТИРЗ вели дека иако ваков договор е новина кај нас, сепак тоа е пракса и во европската регулатива и во многу земји членки на ЕУ, а мислење ќе се бара и од Енергетската заедница во Виена.

„Сакам да бидам и јасен дека ваков тип на договори кои се новина кај нас се пракса и во европската регулатива. На потполно ист начин беше воден и овој процес. Во однос на Законот и ние како институција бевме вклучени во процесот на разгледување и усогласување на Законот и Предлог договорот во сите владини процедури каде предлагач беше токму Министерството за економија. На крајот на денот за Законот свое мислење веќе даде и Комисијата за заштита на конкуренција, а согласно нашата регулатива пред потпишување на Договорот за државна помош, чијашто подготовка следи по потпишување на Законот, ќе побараме мислење и од Енергетската заедница од Виена. Договорот за закуп на капацитет помеѓу ЕСМ и Митилинеос по ниту еден основ не може да се смета за државна помош, имајќи предвид дека инвеститорот  ја отстапува енергијата по цени пониски од пазарната. Како што реков, бројни вакви примери во изминатите неколку години има на ниво на ЕУ, каде токму Европската комисија одобрува ваков тип на договори во кои се комбинира финансиска поддршка со закуп на капацитет. Дури има примери каде што Европската комисија им одобрува на земјите членки исплата на премии на производители на енергија од вакви централи над износот што го остваруваат на пазарот. Истото е со цел да се обезбеди токму стабилност и независност во снабдувањето на економијата и граѓаните со енергија. Во СР Германија за една ваква програма државата обезбедила близу две милијарди евра. Навистина не гледам причина зошто и Македонија да не го следи тој пример“ посочи Деспотовски.

извор:24info.mk

10.02.2024 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега