Косово забрани влез на возило на НБС со динари за пензии и плати за косовските Срби
Властите во Приштина денес не дозволија организиран влез во Косово на пари во динари, наменети за исплата на плати, пензии, социјални и други исплати на српското население.
Како што соопштила Народната банка на Србија за „Косово онлајн“, иако возилото со српски динари било испратено на преминот Јариње според сите одамна воспоставени и многу прецизни процедури, тоа денеска е вратено од тој премин без никакво образложение.
Динарите требало да бидат пренесени во трезорот на Народната банка на Србија во Лепосавиќ.
Блиндираното возило со парите, кое било испратено од подружницата на НБС во Крагуевац, пристигнало на Јариње околу 11 часот каде парите во динари требало да ги подигне возилото на британската компанија „Хендерсон“, која има дозвола за превоз на пари и со која НБС соработува со години.
Меѓутоа, како што јави Косово онлајн, по неколкучасовно чекање за одобрение од Приштина, дозволата не стигнала и влезот бил забранет.
Ова е прв трансфер на пари во динари по 1 февруари и стапување во сила на уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) за воведување евра и забрана за користење динари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа