Меџити: Трајно вработуваме 1.117 лица во јавното здравство
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на заедничка прес-конференција со претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими информираше дека се одобрени вработувања на неопределено време за 1.117 лица ангажирани во јавното здравство.
„Инвестирањето во здравствени работници е еден од најважните сегменти, за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавање на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување. Денеска решаваме статус на 1.117 лица медицински персонал, помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со Одлука на Влада се отвора можност вработување на неопределено време во Јавните здравствени установи. Средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на Јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, рече Меџити.
Министерот додаде дека изминатиов период иако во време на криза, инвестициите во здравството се големи.
„Инвестираме не само во опрема и инфраструктура, инвестираме и во кадар, зголемување на платите, додатоците на здравствените работници. Со ваквите сериозни инвестиции во јавното здравје, помагаме да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот, до здравствените услуги, и се стремиме на нашите пациенти да им овозможиме европско здравство. Како министер за здравство и во наредниот период ќе се залагам за инвестирање и во развој на човечкиот капитал во јавните здравствени установи. Ќе продолжиме со развој на примарната здравствена заштита, капитални инвестиции во изградба на нови и современи здравствени установи, како и инвестирање во обуки, едукација и развој на младиот медицински кадар во земјава. Единствено така ќе го подобриме и зјакнеме здравствениот систем во земјава“, изјави Меџити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа