Вселенската патријаршија го објави Посланието на Вартоломеј на македонски јазик

 


Вселенската патријаршија го објави Посланието на Патријархот Вартоломеј на македонски јазик.

„Можеме со право да тврдиме дека насилството е грев над гревовите. Тоа е целосна спротивност меѓу нашата создадена природа и нашиот натприроден повик за трагање на љубовно единство со Бога и со нашиот ближен… Мирот претставува вистинско откровение на подлабоката стварност на созданието, согласно со волјата на Бога и на обликот како што го замислил Он според Своите вечни совети“. Мирот не е нешто што е дадено и самосмислено, туку е должност, потфат, постојана грижа и непрекината борба за негово одржување. Не постојат автоматизми и трајни рецепти. Спроти секоја закана за мирот, потребна е будност, волја за решавање на проблемите со посредство на дијалог. Големите херои на политиката се борците за мирот. Ние продолжуваме да ја нагласуваме миротворната улога на религиите, во една епоха кога религиите се подложени на критика, бидејќи, наместо да покажуваат сили на мирот, на солидарноста и на помирувањето, тие го хранат фанатизмот и насилството „во името на Бога“. Тука станува збор за извитоперување на религиозната вера, а не за феномен што природно произлегува од неа. Искрената верба во Бога е најстрогиот судија на религиозниот фанатизам. Религиите се природни сојузници на сите луѓе коишто се борат за мирот, за справедливоста и за заштитата на тварта од човечката катастрофа, пишува Патријархоот Вартоломеј во своето послание за Божик.

Ова е втора година по ред, како Вселенската патријаршија ги објавува на својата интернет страница Посланијата за Божик и на македонски јазик, откако на 9 мај 2022 година одлучи да ја врати во канонско единство МПЦ-ОА како Охридска Архиепископија, пренесува Религија.мк.

Македонскиот јазик е меѓу десетте светски јазици на кои Вселенската патријаршија ги објавува посланијата на Патријархот Вартоломеј.

23.12.2023 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега