Кордалов: Иако политичарите користат социјални медиуми, ја промашуваат целта и не комуницираат со следбениците
Политичарите и политичките партии одамна имаат кампањи на Фејсбук, X, Инстаграм, но и на ТикТок, што најчесто ја користи помладата популација во пресрет на изборите за претседател и параламентарните избори следната година. Комуникологот Бојан Кордалов во интервју за МИА вели дека и покрај тоа што тие ги користат социјалните медиуми политичарите не комуницираат преку нив со приврзаниците или со оние што сакаат да ги привлечат за да слушнат што имаат тие да им кажат туку само споделуваат постови. Политичарите, според него, ја промашуваат целта на социјалните медиуми.
-Има две во наводници лоши вести за политичарите. Првата е, ја завршуваме редовната годишна анализа која што ја прави ИДУЕП (Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи) за тоа како политичарите на функции или јавните функционери ги користат социјалните медиуми и досега резултатот е дека нема никаква промена. Знаете, кога немате никакво подобрување автоматски значи дека назадувате во присуството и уште повеќе дека квалитетот опаѓа, посочува комуникологот.
Тоа, како што потенцира, не носи до втората лоша вест за политичарите дека тие ако мислат дека само ќе окупираат уште еден простор на кој што ќе се обидат да се наметнат, резултатот ќе го нема.
-Залудно сте вие на ТикТок, Фејсбук, Инстаграм, Твитер...каде сакате, ако вие не ги следите правилата на игра што заедницата таму ги има. Ако вие мислите дека како политичари ќе влезете таму и ќе кажете овде јас сум главен и ќе си ги поставам моите правила и ќе спамирам со тоа што направив денеска, со кого се сретнав, гласајте за мене и така натаму, едноставно луѓето не ве следат. Политичарите паѓаат во овие замки. Тие се присутни таму, но ги следат само нивните поддржувачи и се обраќаат само на својата партиска база, вели Кордалов.
Политичарите стануваат дел од синџирот на лоши коментари, говор на омраза и буквално, додава тој, „оној вординг што политичките партии меѓу себе го имаат“.
-За жал, исто како и во секојдневната кампања, нивната кампања која што е на социјалните медиуми која што е постојана не носи новитети, не носи ништо ново, нешто интересно, и најлошо од се не ги вклучува граѓаните. Кај нас се уште се смета дека кампањата се води за вие да се пресметате со политичките противници, а не за разговарате со граѓаните. Две специфики се повторно важни за социјалните медиуми. Тоа е комуникација во реално време и можност да добиете повратен одговор, изјави Кардалов.
Политичарите, според Кордалов, ја промашуваат целта на социјалните медиуми. Тие, вели тој, ја сметаат како уште еден канал на којшто треба да бидат и да покажат што сработеле односно да покажат што ќе сработат ако дојдат на власт.
Она што тој и неговите колеги анализираат е бројност и присуство односно колку од министрите, пратениците, градоначалниците...користат активно социјални медиуми, колку институциите имаат веб - страници и колку се посветени за услуги за граѓаните, а не за себепромоција односно промоција на политичарите.
-Како буквално таа интересна играчка што си ја нашле пред четири-пет или седум години, а денеска веќе не ми е интересна, и не ја користат повеќе од она стандардно споделување, вели Кордалов.
Имајќи предвид дека на интернет и на социјалните медиуми кампањите се одамна почнати, дали е потребна регулација, Кордалов смета дека регулација има за сите теми вклучително и за ова освен за најновите трендови.
-И дефинитивно само ако почнеме да ги почитуваме законите, и ако во случајов политичарите не ги прекршуваат правилата што постојат ќе имаме навистина многу поубав простор и виртуелно и во секојдневието во медиумите на комуникација и размена на идеи, вели Кордалов.
Потребно е, нагласува тој, прилагодување на трендовите што се случуваат, но трендовите ги диктираат луѓето, а не политичкиот противник.
-Ако вие се обраќате и праќате порака како политичари до одредена целна група видете каде ќе ја најдете, на кој медиуми, можеби е тоа традиционален, можеби е на социјалните медиуми, можеби е на некоја друга дигитална платформа. Прашајте ги на кој начин сакаат и дали сакаат да добиваат ваши информации и потоа поврзете се, затоа што трчајќи по масовност политичките партии го изгубија чекорот со времето, вели Кордалов додавајќи дека не сме во 1991 година кога може да се соберат 70 000 луѓе на плоштад. Политичарите, според него, треба да разберат дека традиционалните и социјалните медиуми се партнерите во кампањата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа