Промовирана веб - страницата за рано предупредување за исчезнати деца
Веб - страницата за рано предупредување за исчезнати деца najdime.org.mk, која ќе биде достапна на македонски, албански и ромски јазик и е поддржана од Министерството за внатрешни работи, беше презентирана денеска на завршната конференција на „Пилот - проект за Систем за рано предупредување за исчезнати деца“.
Главна цел на проектот е да се подобрат постоечките пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења. Проектот го спроведуваше Граѓанската организација Новинари за човекови права, во соработка со партнер организацијата ЕКПАТ - Австрија во периодот од 1 јули 2021 година со финансиска поддршка од австриското Сојузно Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
Министерот за образование Јетон Шаќири на отворањето на конференцијата истакна дека исчезнувањето на личност без трага секогаш предизвикува огромна загриженост и страв кај членовите на семејството, пријателите и познаниците, чувства кои заедно со она најизразеното во моментот - беспомошноста, може да доведат до избрзани и непромислени постапки.
-Најсилни се емоциите кога исчезнува дете и затоа, не постои дилема дали државата треба да има систем за рано предупредување за исчезнати деца, рече Шаќири оценувајќи дека добро е што првиот чекор е направен.
Изрази надеж дека оваа првична верија на системот што денеска ќе биде презентиран ќе биде ефикасен посочувајќи дека сите треба да се заложиме во иднина тој континуирано да се надградува, особено со примена на позитивни искуства од развиените земји.
Северна Македонија, потсети тој, е земја која ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на детето и како што рече, ставот по однос на ова прашање, меѓудругото може да го зацврсти и токму со воспоставување и примена на ваква алатка.
Шаќири потенцира дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и дека Министерството за образование и наука го става на располагање сиот свој капацитет во развојот на овој систем.
-Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени, рече Шаќири.
Тој најави дека во крајна фаза е изработката на новиот електронски дневник со кој предвидено е родителите веднаш по внесувањето на податоците од страна на професорите да имаат евиденција за присуството на учениците на час.
Додаде дека МОН ќе продолжи да се заложува за унапредување на безбедноста на учениците, не само во рамки на училишните објекти, туку и надвор од нив, заедно со другите надлежни институции како МВР, но и локалните самоуправи, самите училишта и партнерските организации.
На Конференцијата беше истакнато дека исчезнувањето, ризиците за исчезнување на децата како тренд во модерното општество, насилството, дали се работи за онлајн насилство, физичко насилство, психичка злоупотреба, се предизвици коишто широко ги засегаат сите чинители, меѓутоа најповеќе децата како најранлива категорија.
Еден сегмент од проектот е посветен и на маргинализираните групи, односно децата Роми и децата коишто доаѓаат од семејства во социоекономски ризик, односно за зајакнување на капацитетите и препознавање на предизвиците кај овие ранливи категории.
Организаторите појаснија во врска со функционирањето на системот дека секој и од секаде може да пријави исчезнато лице. Пријавата не се гледа во јавност, ИТ лицата кои стојат зад веб - страната ги разгледува податоците и ги пријавува во МВР. Потоа се чека повратна информација од МВТ и се објавува исчезнатото лице.
На настанот беа промовирани и останатите постигнувања од проектните активности во изминатите две и пол години, препораките до институциите, а со сите засегнати чинители, претставниците на институциите, бизнисите, експертите, ќе се дискутира и за бенефитот од размената на искуства, олеснетата меѓуинституционална размена на информации и поддршката на системот за алармирање за да се намали ризикот од исчезнување на децата и да се забрза процесот на наоѓање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа