Социјални станови се градат во повеќе градови низ Македонија

 

Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор денеска организираше Отворен ден со граѓаните каде сите заинтересирани субјекти се информираат за сите прашања поврзани со работата на подружниците на акционерското друштво низ земјата.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов изјавува дека постојат одреден број проблеми со кои се соочуваат од минатото, како нерасчистени имотно-правни односи, потреба од ахривски документи, купопродажни договори...Тој додава дека според него акцијата ќе биде поддржана од граѓаните.

- Тука сме да видиме дали подрачната единица во Охрид функционира како сервис на граѓаните и дали граѓаните се услужени максимално добро. Исто така, тука сме и да ги слушнеме и сите идеи кои ги имаат граѓаните што сакат да ги предложат до нас како агенција што стопанисува со станови, додаде Грозданов.

Исто така, директорот вели дека станови за социјално загрозените лица не се градат само во Скопје туку и низ другите градови во Македонија.

- Во Охрид предадовме во употреба зграда со социјални станови, исто така и во Битола, Скопје, Штип, Берово, а во моментов градиме 72 станови во Прилеп, 50-тина станови во Демир Хисар и 20-тина станови во Ресен. Тоа значи дека не се гради само за социјално ранливите категории само во Скопје, туку и во внатрешноста, додаде Грозданов нагласувајќи дека вкупниот број на станбено необезбедени категории граѓани се намалува.

16.12.2013 - 13:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега