Доделени 40 нови стипендии од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за оваа учебна година
Шеснаесетта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Изборот на стипендистите за учебната 2023/2024 година, кој е во согласност со објавениот јавен конкурс, е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата, по предлог-прелиминарната листа од комисиите за распределба на стипендии, составени од претставници на Фондацијата, на двата факултета, како и од претставници од редовите на студентите.
За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ oд Скопје. И оваа година Фондацијата ќе додели и еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на двата факултета. Добитници на оваа награда се Теодора Мазнева од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,81) и Леонид Рене Томас Караџинов од Медицинскиот факултет (со просек 9,98), стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Во вакви специфични времиња исполнети со огромни предизвици, како за компаниите така и за поединците, а особено за младите, чест е да се биде дел од една континуирана позитивна приказна на едукација, посветеност на науката и врвни резултати во сферата на здравството и фармацијата. Особено ни е драго што компанијата во изминатите 16 години е дел од успешната академска приказна на 659 стипендирани студенти на државниот универзитет во Скопје, кои се додадена вредност на македонското здравство и фармација. Едукацијата во овие две сфери е од исклучителна важност, а процесите во нашата компанија бараат стручно профилирани кадри и особено ми е драго што досега 101 oд стипендираните студенти одлучиле својот професионален пат да го започнат во некој од нашите оддели, во кои своето знаење и капацитетите можат да ги демонстрираат со целосен потенцијал. Благодарение на високата селективност при ангажирањето стручни кадри и континуираните вложувања во сферата на едукацијата, денес ‘Алкалоид’ конкурентно и достоинствено се носи на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и Генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Во шеснаесетте години постоење, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 659 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 130 милиони денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација.
Oд ноември 2022 година износот на стипендијата изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и се засметува линеарно на постојните и новите стипендисти, сѐ до нивното формално завршување на студиите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа