(ВИДЕО) „Портал икс” објави снимки од возилата со кои била грабната Вања: „Ситроенот“ бил запален во 9:37 часот?

 

 

„Портал икс” вчера вечер на Фејсбук објави снимки на кои, како што тврди, се гледа движењето на возилата „ситроен“ и „рено кангу“ со коишто беше киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Порталот прави анализа на времето кога е убиена Вања.

На снимките има и време кога тие се направени. Може да се види дека на 27 ноември во 7:55 часот двете возила со кои е извршено грабнувањето и убиството на Вања поминуваат на улицата број еден во населбата Визбегово.

На снимките се гледа дека во возилото „ситроен“ каде што била Вања, како што соопштија и министерот за вантрешни работи и скопскиот јавен обвинител на заедничката прес-конференција во понеделникот, освен возачот, има уште едно лице на совозачкото седиште. И двете лица носат црни капи.

Понатаму, според времето испишано на снимката, најверојатно од безбедносна камера, треба да се заклучи дека возилото е запалено во 9:37 часот, бидејќи во тоа време (на снимката) се гледа чад кој доаѓа, како што се тврди од „Портал икс”, од местото подоцна каде што се пронајдени остатоците од опожареното возило.

Населбата Визбегово се поврзува со селото Бразда во чиј атар и е пронајдено телото на Вања, велат од „Поратл икс”.

Во понеделникот на заедничка прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски, повикувајќи се на исказите на осомничените, рекоа дека грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска се случило рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела.

Откако било грабнато, девојчето со врзани раце и нозе било ставено во вреќа за спиење, па во гепекот на возилото „ситроен“ кое било во сопственост на 74-годишниот велешанец, за чие убиство се осомничени истите лица кои се сомничат за исчезнувањето и смртта на Вања.

Пред „ситроенот“ цело време се движело возило „рено канго“.

Девојчето потоа било однесено на локација надвор од Скопје, каде што, според изјавите на сведоците, било извршено убиството и бил запален „ситроенот“ со кој девојчето било грабнато.

-Околу 10 часот (истиот ден) со пиштол било извршено убиството на Вања, а потоа запалено возилото со кое таа била грабната,изјави Спасовски на прес-конференцијата.

Имајќи ги предвид времето што се гледа на снимката објавена од ,,Портал икс” и изјавите на Спасовски, се наметнува дилемата – дали девојчето е убиено порано од она што досега е соопштено како момент на смртта. На ова прашање останува да одговори истрагата.

07.12.2023 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега