Анѓушев заврши на црната листа на САД
На поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев му е забранет влез во Соединетите Американски Држави, како што е наведено, „поради вмешаност во значителна корупција“, соопшти Стејт Департментот.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на Стејт Департментот.
Во соопштението пишува дека и оваа ознака за Анѓушев „ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.
Стејт Департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.
Анѓушев беше вице премиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер. Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата Феро Инвест и фабриката Брако. Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.
Реакција имаше и Анѓушев, кој потенцираше дека ќе ја обжалел одлуката.
„Во текот на мојот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017-2020 година работев со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата, и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја. Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи. Јас вработувам 1000 луѓе во Македонија, и во периодот на мојот мандат моите фирми бележеа само пад и загуби, што е регистрирано и во државните финансиски служби“, се наведува во реакцијата на Анѓушев.
„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД. Додека служев како вицепремиер во македонската Влада силно се залагав и работев за зачленување на земјата во НАТО, го поддржував зачленување во ЕУ, и ги поддржувам и сега сите активности кои се преземаат во тој правец.
Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се дополнува во писмената реакција на Анѓушев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа