Герасимовски: Од септември униформи за сите основци во Општина Центар

 


Општина Центар за првпат воведува училишни униформи за сите основци. Градоначалникот Горан Герасимовски, во гостувањето во емисијата „Во живо – Програма на градови” на МРТ информираше дека од септември, учениците во сите општински основни училишта ќе ја започнат учебната година во униформи.

„Тоа што е новост, како општина обезбедивме за сите ученици од септември да имаат нови униформи. Ја подготвуваме јавната набавка за нови униформи за сите, приближно 4.700 ученици во нашите основни училишта, од прво до деветто одделение и верувам дека истата ќе заврши набрзо, па од септември сите ученици ќе бидат во нови униформи во Општина Центар. Дополнително, еве четврта година по ред, обезбедуваме и бесплатни ранчиња и училишни прибори за сите првачиња“, рече Герасимовски. 

Герасимовски потенцира дека се прошируваат и подобруваат капацитетите во училиштата, но и во самите градинки. 

„Приоритет ни е упис на дечињата во градинките коишто се жители на Центар, но во дел од градинките останува простор за упис на дечиња од други општини чии што родители работат на територија на Општина Центар и имаат потреба да ги остават децата во близина на своите работни места. Ние како општина поради тоа што имаме доволен капацитет во градинките, овозможуваме и тие дечиња да бидат запишани во нашите градинки. Одлично поминува процесот за упис на првачиња од 2 мај до 30 мај, верувам дека бројот на запишани ученици малку ќе се зголеми во однос на минатата година“, изјави Герасимовски. 

07.05.2025 - 10:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега