Тошковски: Се соочуваме со нови форми на криминал

 


Во Центарот за обука на МВР во Идризово се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев, раководството на министерството, министри и членови на дипломатскиот кор.

Министерот Тошковски истакна дека да се биде полицаец не значи само да се носи униформа, да се биде полицаец значи да се биде првата линија на одбрана на татковината, гласот на правдата и штитот на обичниот човек.

„Современиот безбедносен контекст е сложен. Се соочуваме со нови форми на криминал, со регионални и глобални предизвици, со корупција, со миграциски притисоци, со растечки безбедносни ризици. Нашата улога денес е поодговорна од било кога.Во изминатиот период покажавме дека знаеме, можеме и мораме да постапуваме ефикасно и одлучно. Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за речиси пет проценти.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот продолжи со презентирање на резултатите на министерството во борба со сите видови криминал и корупција и приближување на услугите до граѓаните.

„Сузбивме четиринаесет организирани криминални групи, од кои најголемиот дел поврзани со трговија со дрога. Започнавме силна борба против корупцијата која целосно го разјадува општеството и се вгнездила во секоја негова пора. Во тој дел бележиме пораст на откривачката функција и тука беа сузбиени две организирани криминални групи со 26 члена од кои едната е од доменот на високата корупција. Во координирана акција, минатиот декември е разбиена една од најопасните поликриминални структури, чии членови учествувале во осум убиства и сериозни закани кон затворски службеници. И во првите месеци од оваа година продолжуваме со исто темпо. Неодамна беше поднесена кривична пријава за злоупотреби во системот за социјални и инвалидски права против четириесет и девет лица.“, беа дел од резултатите на полицијата на кои се осврна Тошковски.

Посебен акцент беше ставен и на трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, во кој МВР по сеопфатна истрага поднесе кривични пријави против седумдесет сторители, сторители, меѓу кои има актуелни и поранешни министри, градоначалници, раководители, полициски службеници и други носители на одговорност, без заштита, без селективност, без двоумење.

Тошковски на крај зборуваше и за постојаните реформи кои се случуваат во МВР, воведувањето нови услуги, набавките на нова опрема, нови униформи, нови возила, тенденцијата на зголемување на платите во полицијата, проектот „Безбеден град“ и отвореноста на полицијата како институција која чекори со граѓаните, рамо до рамо.

По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени плакети и благодарници на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности, институции и дипломатски претставништва во државата.

По настанот, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.

07.05.2025 - 13:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега