Гутереш: Народот во Газа нема каде да оди
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека жителите на Појасот Газа на кои им е наредено да се евакуираат немаат каде безбедно да одат и ја повтори потребата од непречена и континуирана испорака на хуманитарна помош.
Генералниот секретар ги повикува сите страни да ги почитуваат своите обврски од меѓународното хуманитарно право, се вели во изјавата на Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
ОН продолжуваат да апелираат до израелските сили да избегнат понатамошни дејствија кои би ја влошиле и онака катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа и да ги поштедат цивилите од дополнително страдање.
Цивилите, вклучително и здравствените работници, новинарите и персоналот на ОН, како и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени во секое време, се нагласува во соопштението.
Се додава дека генералниот секретар е исто така сериозно загрижен за ескалацијата на насилството на Западниот Брег, вклучително и интензивирањето на израелската операција, големиот број смртни случаи и апсења, зголемувањето на насилството меѓу доселениците и нападите на Палестинците врз Израелците.
Генералниот секретар го повтори повикот за одржлив хуманитарен прекин на огнот во Газа и безусловно и итно ослободување на сите преостанати заложници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа