На маргините на Министерскиот состанок на ОБСЕ потпишана заедничка изјава за борба против корупцијата

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, на маргините на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата, перењето пари и олеснување на напорите за враќање на имотот. 

Текстот на заедничката изјава, усогласен за време на регионална конференција за борба против корупција во Југоисточна Европа, одржана во Скопје на 31 октомври годинава, во организација на македонското претседателство со ОБСЕ, а во соработка со Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Канцеларијата на координаторот на ОБСЕ за економски и еколошки активности, ја потпишаа македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани. 

Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, по потпишувањето рече дека корупцијата е заеднички проблем на регионот, а потпишувањето на заедничката изјава праќа јасна порака дека корупцијата не се исплаќа. 

- Заедничката изјава препознава дека корупцијата го ослабнува владеењето на правото, ја разнишува довербата во институциите и ги загрозува социјалниот и економскиот развој и просперитет како и стабилноста и безбедноста. Таа претставува опасност за споделените вредности на ОБСЕ и предизвикува секаков вид на криминални активности, рече Османи.

30.11.2023 - 17:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега