Владата работи на усогласување на законската регулатива за третман на лица од црната листа на САД, ЕУ и ОН
Подготвена е иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица коишто се на листа на санкции на Обединетите нации, Европската Унија и Соединетите Американски Држави во делот на нивното понатамошно занимавање со јавни функции, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на градинката „Виножито“ во Струмица тој потенцира дека веќе се работи на усогласување на законската регулатива.
Во однос на последниот случај во кој бизнисмен од црната листа на САД поседува голем имот во земјава, премиерот рече дека секој поединечен случај подлежи на македонските закони.
- Доколку постои каков било сомнеж или какви било нарушувања на работењето согласно со законите тогаш тоа е работа на истражните и на правосудните органи и не постои никакво ограничување за тие работи и за кој било случај, изјави Ковачевски.
Ние, нагласи, сме држава која има отворен стратешки дијалог во многу области, вклучително и во владеење на правото и користи голема помош од САД во сите 32 години на нашата независност, во делот на унапредувањето на владеењето на правото, демократијата...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа