Фајон: Грција да направи компромис за Македонија што поскоро да стартува со пристапните преговори
Eвропратеничката Тања Фајон која учествуваше на конференција за Западниот Балкан во Берлин го повтори расположението на Европскиот парламент кон Македонија кој повторно дал препорака до шефовите на држави и влади на Унијата конечно да бидат отворени пристапните преговори и изјави дека вистински потег би било ако Грција направи компромис околу Македонија, со што би дала позитивен сигнал за проширувањето.
- Вистина е дека проширувањето не е на агендата на Грција како претседавач со Унијата. Но, не би се откажала од напорите и обидите на Македонија за изнаоѓање решение за спорот за името. И тоа што побрзо. За мене би било вистински потег доколку Грција како претседавач со Унијата, 10 години по Самитот во Солун и најголемото проширување во историјата на Европа, направи некаков компромис со Македонија. Тоа би бил позитивен сигнал за целото проширување, за чувството и односите на граѓаните во земјата. Но, се зависи од политичките лидери, изјави за Дојче Веле европратеничката Тања Фајон.
Околу најавите за нова блокада на европскиот пат на Македонија од страна на Грција, Фајон вели: - Нешто е сепак сигурно. Атмосферата за решавање на спорот со името не е позитивна. Одлична можност би била сега Грција, како претседавач со Унијата да го направи тој чекор, како позитивна симболична порака дека проширувањето продолжува. Секако и македонската власт треба да направи исчекор нанапред, но се чини дека ја нема таа сила. Како се останато да е приоритет освен ова. Не сакам да барам виновник, но е навистина штета, зашто во оваа ситуација најмногу губат граѓаните на Македонија. Ако од една страна има блокирање, а од друга има лоша економска и финансиска ситуација, невработеност, социјални проблеми, тогаш се отвораат вратите за национализмите и евроскептицизмот. И тоа е многу опасно за земјата, која тежнее кон Европа и која има една цел - европската интеграција.
Европратеничката додава дека ЕУ би требало да им помогне и на двете земји во постигнувањето договор, но мислам дека и Македонија и Грција треба да направат исчекор во взаемна насока. Моето чувство е дека сега ни Македонија прави кој знае колку многу да се реши ова прашање, а поради лошата атмосфера и тешката економска ситуација тоа не го прави ниту Грција.
- Ситуацијата не е поволна ниту во Еврпа, но моја желба е Македонија што поскоро да стартува со пристапните преговори, завршува Фајон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа