Советот на честа при ЗНМ ќе оценува и објави на социјалните мрежи, не само во медиумите

 

Советот на честа при Здружението на новинарите (ЗНМ), во иднина ќе постапува по претставки на граѓаните, правни и физички лица за повреди на Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија и во случаи, кога новинарскиот производ е објавен на социјалните мрежи, а не само на традиционалните медиуми: ТВ, радио, весник или интернет портали.

Како што стои во образложението на ЗНМ, пред Советот биле поднесени повеќе претставки кои се однесуваат на објави на социјалните мрежи, а не во традиционалните медиуми како досега. Советот на честа, како што се додава, го има изразено својот став да не постапува по објави на социјални мрежи во неколку свои одлуки, бидејќи оцени дека станува збор за статуси или други објави на социјални мрежи од приватни профили, а објавите не се медиумски производ, кој ќе се цени преку призма на почитување на Етичкиот кодекс на новинарите. Но, дел од претставките се однесуваат на новинарски производи пласирани на социјалните мрежи, текстови, видео прилози и други содржини, со што, оправдано е барањето, истите да се ценат во согласност со Кодексот, независно што станува збор за објави на социјалните мрежи.

„Иако голем дел од претставките се однесуваат на објавени статуси на социјалните мрежи или за лична преписка и коментари, СОВЕТОТ НА ЧЕСТА при ЗНМ, оцени дека тие и натаму не се во надлежност на Советот и влегуваат во делот на слобода на говор, а за кои важат правилата за коментирање на социјалните мрежи, како и санкциите предвидени во КЗ доколку станува збор за
говор на омраза или друго кривично дело, санкционирано во соодветен закон. Во овој случај, СОВЕТОТ НА ЧЕСТА го проширува својот домен на постапување само врз медиумски производи објавени на социјалните мрежи. СОВЕТОТ на честа ги потсетува новинарите на член 15 од Кодексот, според кој : ‘Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста’“, велат од ЗНМ.

Во исто време, Советот на честа, следејќи ја примената на Кодексот на новинарите, регистрираше загрижувачки тренд на објави во медиумите, платени соопштенија и огласи, со кои директно се напаѓаат новинари и се нарушува нивниот интегритет со пласирање на т.н. ПР објави.

„Сите субјекти, кои се незадоволни од начинот на кој според нив известуваат медиумите, имаат законско право на демант, исправка, одговор и извинување, можат да поднесат претставки до Советот на честа при ЗНМ или СЕММ, да ја бараат правдата пред домашните и меѓународни судови, но никако со ‘силата на парите’ да закупуваат рекламен простор со кој атакуваат на новинари или цели редакции. Новинарите и медиумите имаат апсолутна слобода да ги одбијат таквите објави, бидејќи се директно спротивни на Кодексот и тоа, член 16, членовите 10 и 11, како и членот 6. Ваквата објава, на ПР текстови против новинари во други медиуми, значи кршење на Кодексот на новинарите и истото повлекува санкции, како што е и покренување на постапка за исклучување од членство во ЗНМ на новинарите“, се додава.

За таа цел, Советот на честа ги повикува новинарите да го почитуваат доследно Кодексот, зашто во спротивно ќе бидат покренати постапки по службена должност, што е една од надлежностите на Советот на честа при ЗНМ.

21.11.2023 - 21:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега