Меџити: Како лекар, но и како министер, мислам не се доволни примањата на здравствените работници
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека како лекар, но и како министер, смета оти не се доволни примањата на здравствените работници.
- Со службените синдикати што ги познава Република Северна Македонија секогаш сме во тек, имаме состаноци со нив. Пред сѐ како лекар, но и како министер, секогаш мислам дека не се доволни овие примања, заедно ќе работиме и навистина работиме секојдневно. Како министер, за пет месеци, успеавме во два наврата да ги покачиме колку - толку, платите на здравствените работници, одговори Меџити на новинарско прашање за најавените протести на здравствени работници.
Тој беше прашан и околу вчерашниот случај во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Од МЗ вчера соопштија дека нема да ѝ се продолжи мандатот на организациската директорка Миранда Шабани и таа ќе се прераспредели на друго работно место.
Во соопштението се наведуваше дека Шабани доставила до Министерството известување со одредени наводи за злоупотреби во Заводот.
- Мандатот на организациската директорка беше истечен пред неколку дена, одлучивме да ја назначиме на друго место. Информиран сум за случајот. За наводните злоупотреби веќе испитуваме, соопшти министерот за здравство.
Околу случајот со починатото бебе од сепса од Прилеп, тој кажа дека ДСЗИ имаше извештај оти нема пропусти во лекувањето на детето.
- За жал, вакви случаи се случуваат и во светот. Нема пропусти во моментов, ние формиравме и стручна комисија од Детска клиника, експерти ќе го испитат случајот, дали има некој пропуст, информираше Меџити.
Неонатологот Рената Димитриовска - началник на одделението за интензивна нега и терапија во ГАК, рече дека неонаталната смрт е навистина сериозен проблем сѐ уште, затоа што од смртноста на децата до петтата година, 50 отсто се должи на неонаталната смрт.
- Од тие 50 проценти, најголемиот процент се случуваат токму во првата недела по раѓањето, додаде Димитриовска.
Министерот присуствуваше на ГАК по повод одбележувањето на Светскиот ден на предвреме родените бебиња
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа